На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 19 јуни

551г. пред н.е. – Роден е Конфучие, кинески филозоф. Во неговата етичка доктрина основен елемент е “жен”, односно хуманоста. Го нарекуваат “кинески Сократ” и учител на 10.000 генерации. Умре во 479 г. пред н.е.

1566 – Роден е шкотскиот крал Џејмс Шести Стјуарт, кој како Џејмс Први од 1603 до неговата смрт во 1625 година прв владееше и со Шкотска и со Англија и беше прв Стјуарт на англискиот престол. По абдикацијата од шкотскиот престол на неговата мајка Марија Стјуарт во 1567 година кога имаше само една година, беше прогласен за крал на Шкотска и таа титула ја носеше се до својата смрт.

1623 – Роден е Блез Паскал, француски математичар, физичар, книжевник и филозоф. Конструира математичка машина (аритмометар) која ги вршеше четирите основни математички операции. Ги постави основите на законот на веројатноста, ја измисли хидрауличната преса и утврди дека притисокот на воздухот опаѓа со висината, така што со помош на барометар може да се утврди висината на планините. Умре на 19 август 1662 година.

1819 – Американскиот параброд “Савана” пристигна во англиското пристаниште Ливерпул. Тоа беше првиот брод на водена пареа кој го помина Атлантикот.

1828 – Во Виена умре Франц Петер Шуберт, австриски композитор, еден од најистакнатите претставници на музичкиот романтизам. Ги постави темелите на поновата германска соло-песна, во класичните форми на симфонијата, сонатата и камерната музика внесе лирска содржина, а го поттикна и развојот на клавирските минијатури и ја збогати хорската музика. Роден е во Лихтентал до Виена, во 1797 година.

1862 – Конгресот на САД донесе решение за укинување на ропството на својата територија.

1885 – Кипот на Слободата, француски подарок за Американците, пристигна во Њујорк од Франција.

1913 – Почна Тиквешкото востание (траеше седум дена) против српската власт која го окупира овој дел на Македонија по повлекувањето на турската војска по Првата балканска војна. Македонските востаници ги ослободија Кавадарци и Неготино, како и педесеттина села од тој крај. Беше крваво задушено. За време на востанието и при неговото задушување загинаа или беа убиени повеќе од илјада души, а околу 2.700 беа затворени. Притоа беа изгорени околу илјада куќи и дуќани пред се во Кавадарци и во Неготино.

1937 – Умре шкотскиот писател Џејмс Метју Бери, „татко“ на Петар Пан. Пишуваше главно драми и раскази. Дела: „Петар Пан“, „Убавиот Крајтон“, „Господска улица“.

1944 – Во Филипинското Море, во поморско-воздушна битка, јапонските сили претрпеа тежок пораз од Американците кои со оваа победа се здобија со превласт во водите на стратешки важниот Марјански Архипелаг, од кој подоцна извршија голем број бомбардерски напади врз Јапонија, вклучувајќи ги и оние со атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки.

1946 – Во Њујорк е одржана првата здравствена конференција на Обединетите нации на која претставниците на 61 држава ја прифатија Декларацијата за правата на човекот и ја формираа Светската здравствена организација.

1949 – Во Загреб умре Владимир Назор, хрватски писател. Пишуваше епски песни, раскази, романи, есеи, критики и мемоари. Негови познати дела се “Словенски легенди”, “Вели Јоже” и дневникот “Со партизаните”. Роден е во Постире, на 30 мај 1876 година

1953 – Во американскиот затвор „Синг-Синг“ е извршена смртна казна на електрична столица врз Џулиус Розенберг и неговата сопруга Етел. Двајцата беа обвинети за оддавање нуклеарни тајни на Советскиот Сојуз. И по бројните апели од сите страни на светот да им биде поштеден животот, смртната казна беше извршена. Двајцата се прв брачен пар погубен во САД. Наодите во новоотворените руски архиви потврдуваат дека обвинението против нив било вистина.

1961 – Велика Британија му даде независност на шеикатот Кувајт, во Персискиот Залив, што беше под нејзин протекторат од 1899 година.

1970 – Советскиот вселенски брод „Сојуз – 9“ се врати на Земјата, постигнувајќи нов рекорд во должина на престојот во вселената од 17 дена, 16 часа и 59 минути.

1997 – Во Скопје умре Георги Арсовски, македонски писател и литературен критичар. Во 1966 година ја објави првата книга “Приказни за мојот син”, а во 1977 година последната книга “Монолози” (поезија). Роден е во Велес, на 15 јануари 1927 година.

1997 – Вилијам Хејг стана најмладиот водач на британската Конзервативна партија по 200 години.

2001 – Во Скопје умре Рајко Јовчевски, македонски писател за деца, преведувач и новинар. Неговата прва објавена книга е “Еден малечок свет” (поезија, 1967 година). Пишуваше и раскази и романи. Роден е во селото Луково, Струшко, на 23 февруари 1937 година.

2008 – Британија официјално го ратификува Лисабонскиот договор, бидејќи кралицата Елизабета Втора даде согласност на Законот со кој овој Договор се одобрува. Со тој чин Британија стана 19 земја во Европската унија која го ратификува Лисабонскиот договор, и прва држава која тоа го направи откако Ирците на референдум го отфрлија тој документ.

Сподели на Facebook и Twitter