На денешен ден

На денешен ден пред повеќе години 20 јуни

1527 – Вo Фиренца умре Николо Макијавели, италијански политичар, дипломат, воен стручњак, поет и комедиограф. Во своите расправи ги постави темелите на првата граѓанска теорија за државата. Негови најпознати дела се „Владетелот“, „Историја на Фиренца“, „За воената вештина“ и комедиографијата „Мандрагола“. Роден е во Фиренца, на 3 март 1469 година.

1597 – Умре холандскиот поларен истражувач Вилхелм Баренц, заробен на брод окован во мраз, додека се обидуваше да пронајде североисточен поморски премин од Европа во Америка. Претходно во 1584 и во 1594 година, ја предводеше експедицијата со истата цел. Ги откри Шпицбершките Острови, западниот брег Нова Земја и морето наречено во негова чест Баренцево Море. Неговиот дневник е пронајден во 1871 година.

1819 – Во Келн е роден Жак Офенбах, француски композитор по потекло Германец. Се смета за творец на новиот вид сценска музика – операта. Напиша 100 сценско-музички дела, меѓу кои најпознати се „Убавата Елена“, „Орфеј на пеколот“, операта „Хофмановите приказни“ и други. Умре во Париз, на 5 октомври 1880 година.

1819 – Во англискиот град Ливерпул допатува бродот „Савана“, кој 27 дена и 11 часа пред тоа исплови од истоимениот град во американската држава Џорџија, станувајќи прв пароброд кој го преплови Атлантскиот Океан.

1836.- Умре францускиот револуционер и свештеник Емануел Жозеф Сиес, наречен „патријарх на револуцијата“, еден од водачите на Француската револуција и основач на Јакобинскиот клуб, кој во 1799 година одигра клучна улога во државниот удар со кој власта ја приграби Наполеон Бонапарта. Во политиката беше превртлив и заземаше истакнати позиции во сите фази на револуцијата, освен во периодот на јакобинската диктатура. Во брошурата „Што е третиот сталеж?“ ги изложува своите политички ставови.

1837 – Умре британскиот крал Вилијам Четврти кој владееше од 1830 па се до неговата смрт. Неговите поданоци му го дадоа прекарот „Лудиот Били“, а го викаа уште и „Кралот морнар“ поради тоа што од 1778 до 1790 година служеше во морнарица.

1861 – Роден е англискиот биохемичар Фредерик Гауленд Хопкинс, еден од основачите на науката за витамини, кој со холандскиот лекар Кристијан Ајкман, во 1929 година ја подели Нобеловата награда за медицина. Го изучуваше значењето на витамините во исхраната и заклучи дека тие се неопходни за нормален раст и развој на организмот.

1909 – Роден е американскиот филмски актер од австралиско потекло Ерол Флин. Филмови: „Крвавиот капетан“, „Авантурите на Робин Худ“, „Гусар“, „Џентлменот Џим“, „Вирџинија Сити“, „Корени на пеколот“.

1912 – Во Кавадарци, од предавник и врховистички платеник, на подмолен начин е убиен Добри Даскалов, македонски револуционер и војвода, еден од најмаркантните револуционерни личности во Кавадарци. Роден е во Кавадарци, на 13 ноември 1882 година.

1932 – Во селото Расиха, во реонот на Троцки, е роден Роберт Рождественски, руски писател, прв добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1966 година. Умре во Москва, на 20 август 1994 година.

1933 – Во Архангелское, кај Москва, умре Клара Цеткин, познат политички работник на германското и на меѓународното социјалистичко движење, писателка и публицистка. Родена е на 5 јули 1857 година.

1936 – По повод организираниот штрајк на македонските градители, овој датум е прогласен за Ден на градежните работиници на Македонија.

1963 – САД и Советскиот Сојуз постигнаа спогодба за воспоставување на “црвен телефон”, меѓу Москва и Вашингтон. Директна линија е воспоставена по кубанската криза заради итни консулатации меѓу шефовите на двете супер-сили во критични ситуации.

1979 – Во издание на НИП “Нова Македонија”, во Редакцијата на  “Вечер”, излезе првиот број на енигматскиот забавник “Котелец”.

1985 – Во Охрид умре Сотир Гулевски, македонски писател и книжевен преведувач. Автор е на романите „Меѓа“, „Прекршен ’рбет“, „Кога карпите ’ртат“, „Модро млеко“, „Им се суди на дивите ветрови“, на театрологијата „Фурии“ и други. Роден е во Прилеп, на 14 август 1917 година.

1996 – Во Брисел, Република Македонија и Европската унија, со размена на писма го прифатија текстот на Спогодбата за соработка.

2003 – На самитот на Европската унија во Солун претставен е Нацрт-уставот на Европската унија, чии детали ги образложи Валери Жискар д’Естен, претседател на Европската конвенција за изработка на европскиот устав.

2005 – Умре американскиот научник Џек Килби, добитник на Нобеловата награда за физика, чиј пронајдок од 1958 година – интегрирано електрично коло, претставуваше основа на информатичката револуција.

Сподели на Facebook и Twitter