Планинарска тура ,,РУДАРСКА ПАТЕКА” во чест на рударите

„Патеката на рударите" претставува почит кон тешката егзистенција на сите овие храбри луѓе од минатото кои ги поставиле темелите и го започнале индустрискиот развој на градот Пробиштип.
СПД ПРОБИШТИП – најавува
По повод 28-ми Август Денот на рударите и празникот на градот – Планинарска тура ,,РУДАРСКА ПАТЕКА” во чест на рударите
„Рударска патека” или „Патеката на рударите” е рекреативна планинарска патека посветена на трнливиот пат на првите рудари кои работеле во рудникот „Добрево”, започнувајќи по Втората светска војна,  па продолжувајќи низ 50-ите, 60-ите и 70-ите на 20 век. Години на почеток и развој на Пробиштип, најпрво како индустриска област, а подоцна и како град.  Во тие почетоци на индустриски развој на Пробиштип, работната сила за експлоатација на рудата од рудникот „Добрево” била „црпена” од околните планински села, кои во тоа време изобилувале со живот. Луѓето од поблиските села, најчесто секојдневно оделе по два три часа до своето работно место во рудникот  во еден правец и после исцрпувачката физичка работа се враќале повторно по истиот пат во своите домови. Тој пат до работното место се одел во сите периоди од денот, но и во сите годишни времиња. 
Оваа патека го обележува патот на оние рудари кои масовно доаѓале од подалечните краеви на паланечките села. Тие ги оставале своите најблиски и своите домови во попладневните неделни часови и пешки се упатувале кон рудникот „Добрево”. Работните денови ги поминувале во колективните згради во Добрево направени пред и за време на војната, за да по завршувањето на работната недела повторно по истата патека се вратат во своите домови исполнети со топлината и љубовта на најблиски. 
За жал, не секогаш сите. 
„Патеката на рударите” претставува почит кон тешката егзистенција на сите овие храбри луѓе од минатото кои ги поставиле темелите и го започнале индустрискиот развој на градот Пробиштип.
Сподели на Facebook и Twitter