Марија Богатиновска добитник на плакета за најдобра книга-сликовница за деца во Загреб

Во Културно информативниот центар на Р.Македонија во Загреб се одржа литературната манифестација „Денови на македонска литература за деца 2023“, на која беше промовирана книгата-сликовница „Во светот на децата“ на нашата сограѓанка Марија Богатиновска

На 9.11.2023 година, во Културно информативниот центар на Р.Македонија во Загреб се одржа литературната манифестација „Денови на македонска литература за деца 2023“. На манифестацијата беа промовирани неколку книги за деца на издавачката куќа „ЕДУКА МАК“, а свое обраќање имаше директорката на КИЦ на РСМ во Загреб, Наталија Поповска и програмскиот уредник на проектот, м-р Ели Маказлиева.

Од страна на дел од членовите на жири комисијата кои беа присутни на настанот беше промовирана мојата книга-сликовница „Во светот на децата“ која што беше избрана на конкурсот за наградата „Пишувалки – патувалки“ како книга што во целост ги задоволува критериумите за избор на илустрирана книга за деца – сликовница и барањата на литературата за деца што се однесуваат на воспитните, едукативните, јазичните и уметничките аспекти, поттикнувајќи го интересот на детето кон книгата. Особена чест и задоволство ми беше што на ваква прекрасна манифестација, пред македонска публика во Загреб ми беше врачена мојата награда – плакета.

Програмата за оваа манифестација беше богата со настани и програмски активности што се реализираа за време на престојот во Загреб. Бевме во посета на детска градинка, основното училиште „Никола Тесла“ каде што се изучува македонски јазик, ја посетивме и македонската православна црква во Загреб, топол прием имавме и во Македонското културно друштво “Охридски бисер”, а го посетивме и саемот на книгата „Интерлибер“.

За време на целиот наш престој во Загреб се чувствувавме многу пријатно, се запознавме со прекрасни луѓе и се вративме со убави спомени, пријатни емоции и силни впечатоци. Разменивме многу позитивни искуства, и најважното од сѐ, ја препознавме преголемата желба, љубов и заложба на нашите иселеници во Хрватска за афирмација на македонскиот јазик и култура.

Преку проектот „Денови на македонска литература за деца 2023“ кој е поддржан од македонското Министерство за култура и од издавачката куќа ЕДУКА МАК се афирмира домашното литературно творештво и се придонесува за збогатувањето на културната размена меѓу Р.Македонија и Хрватска.

 

Марија Богатиновска

 

 

Сподели на Facebook и Twitter