„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

Решив да издвојам неколку од грешките кои најчесто ги сретнуваме и да посочам како правилно се пишуваат. 

 

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

СЀ УШТЕ се пишува СЀ УШТЕ, а не: СЕУШТЕ 

Сите сме горди и го почитуваме македонскиот јазик, но многу често се случува во секојдневната комуникација, особено на социјалните мрежи и на веб медиумите, да се прават грешки кои редовно се повторуваат. Решив да издвојам неколку од грешките кои најчесто ги сретнуваме и да посочам како правилно се пишуваат. 

  1. Една од фразите која најчесто се греши е „СЀ УШТЕ“. Сепак, сѐ уште има такви кои оваа фраза ја пишуваат „СЕУШТЕ“- споено.
  2. Многумина пак, не знаат дека „НЕЗНАЕ“ се пишува одвоено. Добар дел од нив „НЕМОЖАТ“ да запамтат и дека правилно се пишува „НЕ МОЖЕ“.
  3. „КОИ“ и „КОЈ“ многу пати погрешно се користат. Правилно е „КОИ“ да се користи за множина, а „КОЈ“ за еднина.
  4. „ТАКА ДА“ е сврзник кој доаѓа од српскиот и хрватскиот јазик, така што ако сакате да пишувате на македонски јазик, правилниот сврзник што треба да го искористите е „ТАКА ШТО“.
  5. Оние кои сакаат уште повеќе да го усовршат правописот можат да го купат во најблиската книжарница. ЕВТИН е, а и учи дека е погрешно да се пишува „ЕФТИН“.

А како потсетување и две правописни правила за кои веќе зборувавме: – Зарем е тешко да се СФАТИ дека „СВАТИ“ е погрешно? – Многу често се прават ДЕТСКИ грешки со тоа што се пишува „ДЕЦКИ“ или „ПРЕЦЕДАТЕЛ“ наместо ПРЕТСЕДАТЕЛ. 

Се надевам дека ова беше забавен начин да научиме како не треба да пишуваме некои зборови и фрази кои многу често ги употребуваме во секојдневната пишана комуникација. 

До следното читање ве поздравувам со една интересна реченица која му беше омилена на мојот драг професор по лингвистика, реченица која секој студент на нашата катедра за македонски јазик мораше да ја напише на корицата од својот учебник: „СЀ УШТЕ  се пишува СЀ УШТЕ, а не: СЕУШТЕ“! 

 

Сподели на Facebook и Twitter