„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

Прашајте некој ваш пријател ПЕЧАТАР, кој ПЕЧАТАЧ е најдобар за домашна, а кој за канцелариска употреба.

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

ПЕЧАТАР И ПЕЧАТАЧ 
 

 Драги мои, после продолжениот викенд и прославата на 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, еве сме пред нова правописна авантура која редовно оди секој вторник.  

Листајќи го Правописот и следејќи ги објавите на социјалните мрежи во овие неколку дена, се мислев за кое правописно правило да зборуваме, што ново да научиме или да се потсетиме на нешто што можеби сме го заборавиле.  

И оп! Пред моите очи излезе објава, односно реклама од реномирана фирма која се занимава со продажба на компјутерска опрема и со големи букви напишан текст: НАМАЛЕНИ ЦЕНИ НА НАЈНОВИТЕ МОДЕЛИ НА ЛАСЕРСКИ ПЕЧАТАРИ!  

Се замислив и уште неколкупати го прочитав текстот. Печатар е лице кое се занимава со печатење, работи во печатница или е нејзин сопственик, а во никој случај тоа не е збор кој се однесува на опремата која се рекламираше!  

Соодветниот термин или збор кој треба да се употреби во ваква конструкција и точно ќе го одреди производот кој се рекламира е ПЕЧАТАЧ! Иако морам да признаам дека многу често се користи и зборот ПРИНТЕР кој исто така се однесува на овој вид компјутерска опрема, но тоа е збор кој доаѓа од англискиот јазик, а се’ почесто ваквите зборови кои означуваат имиња на делови од техника, компјутерска или било која друга полека се одомаќинуваат во нашиот јазик како интернационализми-зборови кои како вакви постојат и во многу други јазици.  

Па еве една интересна задача за вас: Прашајте некој ваш пријател ПЕЧАТАР, кој ПЕЧАТАЧ е најдобар за домашна, а кој за канцелариска употреба. До следното читање можеби и ќе купите свој ПЕЧАТАЧ или ПРИНТЕР, па обидете се да испечатите нешто интересно и да го споделите со нас. Ви посакувам убав ден… 

Сподели на Facebook и Twitter