„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

 Што и да направите ќе имате огромен ПРИДОНЕС во подобрувањето на квалитетот на живеење.

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

ДОПРИНОС или ПРИДОНЕС?  

Секој човек во лавиринтот наречен “живот” има своја улога, а со своите конкретни дејства ПРИДОНЕСУВА за позитивен или негативен ефект од истите. 

 Честопати влегуваме во замката на чисто преживување и постојано наоѓаме изговори зошто не го живееме животот во вистинска смисла на зборот. А животот ни отвора многу можности и прилики за остварување на нашите соништа па затоа и се вели дека имаме онолку прилики колку што ние самите ги посакуваме. Е сега главното прашање е како и со што ние ПРИДОНЕСУВАМЕ за сето она што го посакуваме да стане реалност.  

Читајќи ги овие неколку реченици сигурно го забележавте зборот напишан со големи букви : ПРИДОНЕС. Токму за него ќе зборуваме во денешната правописна авантура.  

Многу често овој збор го заменуваме со зборот ДОПРИНОС и тоа можеби во вашите очи не е грешка, меѓутоа овој збор доаѓа од српскиот јазик и во македонскиот јазик правописно се пишува ПРИДОНЕС.  

Најубаво чувство е кога ќе сфатиме дека успех е секој ден да стануваме подобра верзија на самите себе и со било што да ПРИДОНЕСЕМЕ за општа благосостојба, наша и на околината. Со тоа навистина ќе имаме ПРИДОНЕС за позитивно влијание во животот.  

Еве на пример направете некое хумано дело, донирајте облека или храна на оние кои им е потребна, вдомете куче кое е оставено на улица, работете напорно на остварување на своите лични цели или помогнете му со совет или конкретен акт на некој друг во истото… Што и да направите ќе имате огромен ПРИДОНЕС во подобрувањето на квалитетот на живеење. И запомнете: Без оглед колку грешки ќе направите или колку бавно ќе напредувате во исполнување на вашите соништа и цели, секогаш и со најмалиот позитивен гест или дело имате огромен ПРИДОНЕС во самото тоа и најважно од се’ е што ќе бидете далеку понапред од оние кои никогаш не се ни обиделе.  

До следното читање ви посакувам убав ден и денес со нешто ПРИДОНЕСЕТЕ за ваше или нечие друго позитивно задоволство и на тој начин имајте позитивно влијание во животот… 

Сподели на Facebook и Twitter