„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

А ЗОШТО? ЗАТОА ШТО/ ЗАШТО/БИДЕЈЌИ Правописот вели така, а ние сме должни да ги применуваме правилата кои тој ги вовел.

 

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

Вторник е драги мои и време е за нова правописна авантура која, се надевам, ќе ве потсети на едно правописно правило кое многу често го забораваме или правиме грешки во случаите кога треба да го примениме. Читајќи дел од денешните објави на социјалните мрежи ми падна во очи еден краток текст кој се појави како дел од објавите на еден сајт од 2020 година, една мала ретроспектива на настани поврзани со измени на некој закон, ама тоа нема да биде во фокус на моето денешно пишување, туку погрешно напишаниот збор во посочениот текст. Имено се работи за следново, цитирам: -„ Измените во законот се потребни, но учесниците апелираа да не се брза со истите и можноста за забелешки да не заврши со денешната јавна расправа ЗОШТО материјата е суптилна и новиот закон треба да го замени веќе застарениот и проблематичен во примената“. Сигурно го забележавте зборот напишан со големи букви, зборот ЗОШТО. Вака напишан текстот сигурно вам ви изгледа коректен, точно напишан, но има една правописна грешка и таа не е мала. Имено, во дадениот текст зборот ЗОШТО треба да ја има улогата на сврзник во зависната причинска реченица, ама таков сврзник во ваков вид реченици не постои бидејќи вистинскиот, правилниот сврзник е ЗАШТО, а не ЗОШТО. Е сега ќе прашате ЗОШТО? Па и во самото прашање веќе го имате одговорот. ЗОШТО, како вид збор е ПРИЛОГ и се употребува како прашален збор со причинско значење: заради што; поради што? А зборот ЗАШТО е сврзник кој се употребува во зависносложените причински реченици со значење ЗАТОА ШТО. На негово место може да дојдат и други сврзници со истото значење: БИДЕЈЌИ и ОТИ. (Пример: Не дојдов, ЗАШТО/БИДЕЈЌИ/ОТИ се успав.) Се надевам дека денес се потсетивме на уште едно правописно правило и верувам дека во иднина нема да се случуваат грешки кога треба да го примениме во пракса, ЗАШТО такви грешки не се дозволени во стандардниот македонски јазик. А ЗОШТО? ЗАТОА ШТО/ ЗАШТО/БИДЕЈЌИ Правописот вели така, а ние сме должни да ги применуваме правилата кои тој ги вовел. Имајте пријатен ден…

 

Сподели на Facebook и Twitter