„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

Само оној кој НЕ САКА да научи, НЕ МОЖЕ да успее да разликува дека не се пишува НЕЗНАМ, туку НЕ ЗНАМ!

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

НЕ МОЖАМ ДА СФАТАМ ДЕКА СЕ’ УШТЕ ИМА ЛУЃЕ КОИ НЕ ЗНААТ ДЕКА ЗБОРОВИТЕ: „НЕЗНАМ“, „НЕМОЖАМ“ И „НЕСАКАМ“ СЕ ПИШУВААТ ОДВОЕНО!

Кога НЕ ЗНАЕМЕ како гласи одговорот на некое прашање, често бараме помош на интернет. Иако ова не е погрешно, сепак треба секогаш да внимаваме кои информации се проверени и важат за точни, а кои не.

Голем дел од текстовите кои ги читаме по интернет страниците не се лекторирани, па заради тоа примаме информации кои не се проверени.

Особено е важно за оние луѓе чија професија е поврзана со познавање на јазици, да ги знаат и употребуваат правописните правила, но тоа не значи дека не ги засега сите останати чии професионални интереси не се дел од областа на јазикот.

За да бидеме комплетни во секој поглед, успешни во својата професија, но и способни да комуницираме на едно повисоко ниво со другите, од огромно значење е да го познаваме својот мајчин јазик и сите негови правила, бидејќи само така ќе имаме можност да оствариме успешна комуникација со било која личност во нашиот живот.

Една од работите кои би требало сите да ги знаеме е дека негацијата во нашиот јазик не се пишува споено со глаголот кој го негираме. Примери за вакви грешки, кои за жал се многу чести, се : незнам, несакам, неможам и сл.

Тие всушност се пишуваат вака: не сакам, не знам, не можам, не одам, не треба итн. Иако треба да назначиме дека при зборувањето овие негации се изговараат како акцентски целости, а тоа значи дека имаат еден акцент и колку и да ви изгледа збунувачки се изговараат како еден збор.

Но сепак тоа се однесува на изговорот, а не на пишувањето на овие негации.

Значи да заклучиме: Според правописните правила, одречната честичка НЕ се пишува одвоено од глаголските форми. Правилно: не знам, не сакам, не може, не смее итн. Неправилно: незнам, несакам, неможе, несмее итн. И глаголскиот прилог се пишува одвоено од честичката НЕ.

Правилно: не знаејќи, не сакајќи, не можејќи итн.

Неправилно: незнаејќи, несакајќи, неможејќи итн.

За крај: Само оној кој НЕ САКА да научи, НЕ МОЖЕ да успее да разликува дека не се пишува НЕЗНАМ, туку НЕ ЗНАМ! Убав ден…

Сподели на Facebook и Twitter