„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

"Денес е СВЕЦКИ ден на семејството" или "Тој е ПРЕЦЕДАТЕЛ на клубот" или " Ова се ДЕЦКИ песнички" или "Отидовме во ГРАЦКИОТ парк" итн.

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

Почитувани читатели, Ако обрнеме малку поголемо внимание на објавите со кои секојдневно се среќаваме на социјалните мрежи, ќе забележиме една појава која многу “боде во очи” како разговорно би рекле ние македонистите. Имено, многу често среќаваме, читаме објави од типот: “Денес е СВЕЦКИ ден на семејството” или “Тој е ПРЕЦЕДАТЕЛ на клубот” или ” Ова се ДЕЦКИ песнички” или “Отидовме во ГРАЦКИОТ парк” итн.
При изговарање посочените зборови навистина се слушаат вака како што се напишани, но Правописот вели нешто друго. Овие зборови правописно правилно се пишуваат вака: СВЕТСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ, ДЕТСКИ, ГРАДСКИ итн.
Говорителите чиј мајчин јазик е македонскиот ненамерно или несвесно ги прават овие правописни грешки во пишувањето поради фактот што при изговарањето гласовите ТС и ДС една до друга навистина звучат како Ц, ама дали треба така и да се пишуваат зборовите кои ги содржат овие гласови или согласки една до друга? Се разбира НЕ! Се надевам дека и денес научивме или се потсетивме на уште едно правописно правило. А утре е 8 Март, Меѓународниот ден на жената па мајки, баби, наставнички, тетки, струни, вујни нека ви биде среќен и исполнет со радости, а подарокот за празникот побарајте го во сјајот на ДЕТСКИТЕ очи и во искрената ДЕТСКА насмевка кога ќе ви кажат “Среќен 8 Март”, бидејќи тие се единствените вредни работи кои ви се потребни за да се чувствувате сакани и почитувани… А замислете тие не се купуваат со пари, а претставуваат најголемо СВЕТСКО богатство! Ви посакувам убав празничен ден, се читаме наредниот вторник…

 

Сподели на Facebook и Twitter