„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

Еве уште неколку примери каде треба да се пишува буквата В, а не буквата Ф

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

Денес е вторник, вториот ден од работната седмица и повторно ќе се дружиме со потсетување на уште едно правописно правило кое многумина свесно или несвесно не го почитуваат. На почетокот од денешното објаснување да се надоврземе на минатонеделната правописна авантура која се однесуваше на погрешно пишување на зборови кои при изговор звучат поинаку, а се пишуваат поинаку. Имено минатиот вторник зборувавме за погрешно пишување на зборови кои при изговор звучат како да ја содржат буквата ц, а всушност правилно според Правописот се пишуваат со тс и дс (децки-детски, свецки-светски, грацки-градски…). Истото ова се случува и при пишување на зборови кои звучат како во себе да ја содржат буквата Ф, а всушност се пишуваат со буквата В. Можеби при изговорот и нагласените зборови на почетокот на мојот текст звучат како: ФТОРНИК, ФТОР, ПОФТОРНО итн, ама правописно се пишуваат со буквата В, онака како што веќе е напишано. Еве уште неколку примери каде треба да се пишува буквата В, а не буквата Ф:

1. Денес не купив овошје, ама утре ќе купам од пазар, поевтино е.

2. Еве се мислам каде да го паркирам автомобилот утре.

3. Упатив голем поздрав до тетка ми во Кратово.

4. На автопатот Штип-Скопје имаше колона од автомобили.

5. Мојот внук го освои второто место на вчерашниот натпревар по математика.

6. Овчарот Мите ги прибра своите овци во бачилото. Значи да запаметиме: ефтин-евтин; афтомобил-автомобил; поздраф-поздрав; афтопат-автопат; фнук-внук; фчерашен-вчерашен; фтор-втор; фторник-вторник; офчар-овчар; офци-овци итн.

Драги мои утре е среда, пазарен ден во Пробиштип, па обидете се да купите убави, ама поевтини работи и заштедете колку што можете. И ако времето биде убаво бабите и дедовците слободно нека прошетаат бидејќи ним не им треба автомобил, а патем можат и да се дружат со своите внучиња. Убав ден ви посакувам, се дружиме наредниот вторник…

Сподели на Facebook и Twitter