„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, се чувствувам обврзана да појаснам неколку работи поврзани токму со пишувањето на името на овој, па и на другите верски и државни празници.

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

 

Драги мои, во пресрет на големиот христијански празник Велигден кој се празнува оваа година на 16 април, се чувствувам обврзана да појаснам неколку работи поврзани токму со пишувањето на името на овој, па и на другите верски и државни празници. Имено, сите празници се пишуваат со голема почетна буква, но само во првиот дел од називот или името, а доколку содржат име во вториот дел и таму пишуваме голема буква. На пример: Велигден, Божиќ, Свети Илија, Свети Никола, Нова година, Осми март итн. Ако празникот како прв дел содржи број напишан со цифра, тогаш вториот дел од називот се пишува со голема буква, а ако првиот дел е напишан со збор кој го означува бројот, тогаш вториот дел од називот на празникот се пишува со мала буква. На пример: 11 Октомври- Единаесетти октомври, 8 Март- Осми март итн. Големата буква после цифрата во називот служи за да се разликува правописно празникот од обичен датум. Ова правописно правило можеби не се прекршува многу често поради фактот што и на социјалните мрежи и во сите медиуми на празниците им се посветува огромно внимание и им се отстапува добар дел од медиумскиот простор. Но, честопати се случува зборовите кои се изведени од називот на празниците да се пишуваат погрешно. Така наместо „Среќни велигденски празници“, се пишува „Среќни Велигденски празници“ или „Црвени Велигденски јајца„ наместо Црвени велигденски јајца“, „Среќни Божиќни празници“ наместо „Среќни божиќни празници“ итн. Ова правописно правило се однесува на придавките кои се изведени или создадени од основата на зборовите кои го означуваат името на празникот и тие секогаш се пишуваат со мала буква. Нека е честит претстојниот празник Велигден и да донесе многу среќа, радости и божји благослов. Да има многу црвени и шарени велигденски јајца и секое семејство да ги помине велигденските празници во здравје и благосостојба. До следното читање, ви посакувам убав ден…

Сподели на Facebook и Twitter