„ПРАВОПИСНИ АВАНТУРИ“

Во животот се’ започнува од идеја! Дозволете вашите идеи да ги спроведете во реалноста, а за да го направите тоа мора да дејствувате, да се прилагодувате и да учите секојдневно.

           Валентина Давиткова

Дипломиран професор по македонски јазик и литература

ИДЕЈА ИЛИ ИДЕА?

И на третиот ден од големиот христијански празник Велигден кога социјалните мрежи се преполни со фотографии од велигденските трпези, црвените и шарени велигденски јајца и честитки за празникот, дојдов на ИДЕЈА денешниот текст посветен на правописните правила да го посветам токму на зборот кој погоре го напишав со големи букви, зборот ИДЕЈА. Толку многу објави на социјалните мрежи со многу ИДЕИ за украсување на велигденските трпези и интересни начини и ИДЕИ за вапцување на велигденските јајца, ама и со погрешно напишани зборови.

Значи вака: Зборот ИДЕЈА има различно значење, сето тоа зависи од тоа како се користи. Идејата како терминологија значи да се има општо или елементарно познавање на некоја работа или ситуација, а во овој случај претставен погоре е исто така и желба или намера да се направи нешто и истото тоа да се спроведе во пракса. Значи домаќинката имала интересна ИДЕЈА да ги направи шарени велигденските јајца, а не ИДЕА.

Зборот ИДЕА е само минато време од глаголот ИДЕ. Пример: Од далеку ли идеа возилата кои сега поминаа? Зборот ИДЕЈА е именка во женски род и во ваков вид е во еднина, тоа верувам сите го знаете, а во множина овој збор гласи: ИДЕИ. И нема многу да должам, ова е сосема доволно да се обидеме да ги разликуваме зборовите ИДЕЈА и ИДЕА, а се разбира најважно е правилно правописно да ги пишуваме.

И запомнете една важна работа: Во животот се’ започнува од идеја! Дозволете вашите идеи да ги спроведете во реалноста, а за да го направите тоа мора да дејствувате, да се прилагодувате и да учите секојдневно. Не е важно само да имаме идеи, туку да ги изразиме, да ги споделиме и да ги спроведеме – тоа е она што прави разлика во овој свет. Способноста да се претворат идеите во работа и во дела е тајната на нашиот заеднички успех!

До следното читање ви посакувам убав празничен ден и обидете се вашите ИДЕИ за добар и поубав свет да не бидат само мисловни туку и практично спроведени…

Сподели на Facebook и Twitter