ЕНДОМЕТРИЈАЛЕН КАРЦИНОМ 

Во досегашната моја 30 годишна пракса како гинеколог, немам сретнато ендометријален карцином кај пациентка под 50 годишна возраст.  

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

ЕНДОМЕТРИЈАЛЕН КАРЦИНОМ 

Ендометријалниот карцином е карцином на лигавицата на матката, односно на слојот кој крвари пред менструација и претставува најчест вид карцином  на женските гениталии со зачестеност 6-7 % од вкупниот број карциноми во организмот на жената.  

Не треба да се поистоветува со ракот на грлото на матката, кој има сосема друга локализација, тек на болеста и исход.  

Ендометријалниот карцином најчесто се јавува над 40-45 години, а најчест е во климактериумот, односно од 50-65 годишна возраст.  

Негово појавување пред 50 години е навистина реткост.  

Постојат два типа на карцином на ендометриумот : 

  • естроген зависни – зависат од хормоните и имаат подобра прогноза 
  • естроген независни – кои најчесто имаат полош исход 

Причините за појава на ендометријален карцином, како всушност и за останатите карциноми не ни се познати, но постојат ризични фактори кои придонесуваат за појава на оваа болест како: 

  • Неопонирано дејство на естрогенот- хормонот на јајникот кој ја подготвува слузницата на матката за оплодување 
  • Кога не постои урамнотеженост со прогестеронот- хормонот кој ја трансформира слузницата за оплодување или менструација- па доаѓа до зголемување на клетките на слузницата и и ризик од нивно трансформирање во тумор клетки. 

 Со други зборови естрогенот поттикнува раст на ендометриумот, а прогестеронот го атрофира. 

Други ризик фактори се :  

-дијабет, висок крвен притисок 

– ретко тумори кои лачат естроген без прогестерон- како во случај на пациентки со полицистични јајници 

– кај жени кои не раѓале 

– колку подоцна настапува менопаузата, толку поголем е ризикот за оваа болест 

Кај жени кои користат хормонална контрацепција ендометријалниот карцином  се јавува многу ретко.  

Како да препознаете карцином на ендометриумот: 

-најважен знак е крварењето во постменопауза. Во 90% од случаите прв симптом за појавата на оваа болест е крварењто кај возрасни жени кај кои отсуствува менструацијата. Но секое крварење не е карцином, односно 25% од крварењата во постменопауза укажуваат на карцином.  

Во напредните фази болеста се шири во околните органи, па во подалечните органи како црниот дроб и коските. 

На рутински прегледи, вагинални и ехо прегледи се утврдува задебелување на ендометриумот, а конечна дијагноза се поставува со експлоритивна киретажа на шуплината на матката. 

Лекување: терапија во раниот стадиум е оперативно отстранување на матката, а во подоцнежните стадиуми е хемотерапија и зрачење 

Стапката за преживување од овој карцином за сите стадиуми е 65%, а во ран стадиум е над 95%.  

Битно е да ги нагласам овие два момента: 

  1. Секое крварење во климактериум бара неодложно испитување, со цел исклучување на карцином на ендометриумот.   
  2. Болеста скоро секогаш е излечива, доколку се дијагностицира при први појавувања на крварење во климактериумот.  

Инаку болеста е многу ретка пред менопауза, а симптомите се нерегулирани крварења. Меѓутоа секое крварење пред менопауза не изискува киретажа. Киретажата се применува кај тие пациентки кои имаат задебелена лигавица и кај кои крварењето не запира и при хормонална терапија, случаи кои се поприлично ретки.  

Во досегашната моја 30 годишна пракса како гинеколог, немам сретнато ендометријален карцином кај пациентка под 50 годишна возраст.  

Од се погоре кажаното апелирам до сите жени на редовни гинеколошки контроли во секоја возраст, а не само во репродуктивниот период, се со цел рано откривање на потенцијална болест. 

 

 

Сподели на Facebook и Twitter