Бременост во првите три месеци

Како ќе се развива плодот, дали ќе има генетски аномалии, тоа се нештата кои се одлучуваат во првите 30 дена од зачнувањето

        Д-р Ванче Какашевски

         Специјалист по гинекологија и акушерство

 

Најважниот период од бременоста е првиот триместар. Во тој период се случуваат најбитните промени кај плодот, кој од две клетки, по една од секој родител, прераснува во целосно оформена единка со оформени и развиени органи, односно во плод со завршена ембриогенеза.  

Како ќе се развива плодот, дали ќе има генетски аномалии, тоа се нештата кои се одлучуваат во првите 30 дена од зачнувањето.  

Целиот понатамошен развој на плодот зависи од првиот триместар. Ова особено го нагласувам за повеќето од жените, особено тие во поодминати години кои примаат различни лекарства не знаејќи дека се бремени.  

Обично тие жени велат дека ќе направат генетско испитување да утврдат дали направиле штета врз плодот, што е голема заблуда. Лекарствата не делуваат врз генетскиот материјал, односно на хромозомските пореметувања, туку на органогенезата – формирањето на органите на плодот и на неговиот раст и развиток. За среќа денес и да не постојат лекови кои се на ,, црната листа“ , но постои избор на лекови кои се безбедби за користење на трудницата. Но морам да напоменам дека цитостатиците се строго контраиндицирани во бременоста.  

Трудниците не треба да се плашат од примање на лекарства , затоа што одредена болест може да направи поголема штета доколку не се лекува, а постојат безбедни лекови кои во консултација со лекар можат безбедно да се примаат.  

Кои се‘ прегледи се применуваат во првиот триместар: 

  • Прво се констатира дали плодот е внесен во матката и дали нормално се развива, споредувајќи ја неговата големина со менструалниот календар и дали има срцева акција.  
  • На крајот од дванаесеттата недела утврдуваме дали ембриогенезата е правилно завршена, односно дали се создал човек со сите органи, раце, нозе и останато. 
  • Помеѓе 11-13 недела се прави ПРИСКА тест – испитување кое укажува дали постојат хромозомски абнормалности. Се утврдува староста на бременоста, се мери вратната бразда и се детектира носната коска. Потоа се прави крвна анализа за утврдување на нивото на два хормона, при што сите тие податоци се внесуваат во софтвер кој укажува на статистички ризик за постоење на Даунов синдром и уште две хромозомски пореметувања.  
  • Во првиот триместар се прави и рутинска анализа на основните параметри на крвта и урината.  
Сподели на Facebook и Twitter