ХУМАН ПАПИЛОМА ВИРУС (ХПВ) 

Редовната годишна контрола и редовниот ПАП тест се предуслов за рано детектирање на ХПВ. 

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

ХУМАН ПАПИЛОМА ВИРУС (ХПВ) 

Во предходниот напис спомнавме дека ракот на грлото на матката е втор по зачестеност, веднаш по ракот на дојката.Сега ќе се осврнеме на причинителот за појава на ракот на грлото на матката. 

Во последните децении се докажа дека ракот на грлото на матката е предизвикан од ХП вирусот, кој е докажан во 99,7% од случаевите. ХП вирусот е сексуално пренослив и е присутен кај секоја втора сексуално активна личност, а под особен ризик се лицата кој не користат заштита при сексуалните односи, имаат повеќе сексуални партнери и послаб имунитет. Инфекцијата спонтано исчезнува, нема симптоми но ретко може да се појават генитални брадавици. Вирусот се населува на кожата, слузокожата на вагината, на грлото на матката, на јазикот, а кај мажите на половиот орган. Кај жената може да предизвика промена на клетките во премалигни и малигни. Вирусот се докажува со тестирање, т.н. ХПВ типизација и ако се докаже најважна е редовна гинеколошка контропа со ПАП тестови. 

Најголема заштита од трансмисија на вирусот е користењето на презерватив (кондом). 

А сега ќе одговориме на едно интересно прашање: 

– дали и како може да се искорени ракот на грлото на матката. 

Одговорот е ДА, може да се искорени со вакцинација. 

Се претпоставува дека вирусот ќе исчезне во моментот кога со вакцина ќе бидат опфатени 80-85% од популацијата. 

САД се на добар пат да ја постигнат целта, каде  огромен број и од машката популација ја прима вакцината со цел да се прекине алката во синџирот на трансмисија. 

Последните две децении е развиена вакцина која се дава на девојчињата и момчињата пред стапување во сексуални односи. Вакцината е една од најбезбедните и топло ја препорачувам на сите. Кај нас процентот на опфат со вакцината за жал е многу мал и се мисли дека може и повозрасните да се вакцинираат со оваа вакцина. Редовната годишна контрола и редовниот ПАП тест се предуслов за рано детектирање на ХПВ. 

Сподели на Facebook и Twitter