Д-р Ванче Какашевски
Специјалист по гинекологија и акушерство
Покрај пубертетот, жените преживуваат уште една хормонска промена, климактериумот. Во тој период некои жени доживуваат големи здравствени потешкотии, но има и такви кои имаат среќа тој период воопшто да не го почуствуваат.
Менопауза (климактериум) е термин кој ја означува последната менструација, после која жената најмалку во период од една година нема циклус. Овој период се утврдува ретроградно, па ако жената нема циклус една година, велиме дека жената влегла во менопауза.
Просечната старост во Македонија е 49,9 години, а за нормален период е прифатен од 45 – 55 години. Порано од 45 години го означуваме како прерана менопауза, а по 55та година задоцнета менопауза. Кога жената ќе влезе во менопауза обично е генетски детерминирано, но одредени стресови како развод или смрт во семејството можат да придонесат за престанок на менструалниот циклус.
На ниво на организмот се случува пад на оваријалните хормони, што е причина за појавата на симптомите во климактериумот, како што се топлите бранови со потење, зголемување на тежината за околу 5-6 кг и покрај иста исхрана и активност, стареење и збрчкување на кожата поради губење на влажноста, несоница, депресија, раздразливост, вагинална сувост, губиток на либидото (желбата за секс), остеопороза (намалена цврстина на коските) и како најтежок симптом односно последица на менопаузата се промените во кардиоваскуларниот систем, варијабилен крвен притисок, артериосклеротични промени на крвните садови со појава на ангина пекторис и инфаркти кои се многу почести во овој период кај жената поради отсуството на протективното дејство на хормоните.
Гинеколошките прегледи се задолжителни и по менопаузата, а тоа се обични гинеколошки прегледи при кои хормонски анализи не се практицираат, освен кај прерана менопауза.
Секое крварење па макар и да личи на нормална менструација, кое се случува една година по менопаузата носи ризик од карцинот на слузницата на матката, ендометриумот, така да неопходна е посета на лекар, киретажа и слично. Моето искуство кажува дека 3-5 години по менопаузата кај жената околу 40% од крварењата се показател на карцинот на ендометриумот.
Како да си олеснат жените во овој период:
Постојат природни препарати кои содржат природни естрогени, витамини и минерали, а постои и хормонска надоместителна терапија која во Македонија е многу малку применувана од популацијата поради цената и навиките, за разлика од развиените земји.
Мој совет е жената во менопауза да ги применува здравите животни навики, исхрана без масти и шеќери, да конзумираат многу течности и да практицираат редовна физичка активност. Впрочем најдобар лек за остеопорозата и против атрофија на мускулатурата е пешачењето од еден час дневно, а не препаратите за остеопороза.