НЕРВОЗНИ ЦРЕВА

Препорачлива е храна богата со растителни влакна како цвеклото, црниот леб, киви и друго овошје... се со цел олеснето празнење на цревата, како и да се изнајде  емоционален механизам за справување со стресот. 

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

                                   НЕРВОЗНИ ЦРЕВА 

 Ако ме прашате мене со кој проблем најчесто доаѓаат пациентки во мојата ординација по гинекологија, сигурно ќе се зачудите дека тоа не се ниту туморите, ниту гинеколошките воспаленија, а ниту проблеми со мокрењето, туку со синдромот на нервозни црева. 

Секоја трета пациентка го има овој проблем. 

Според статистиката околу 15-30% од популацијата пати од оваа болест, а пациентките доаѓаат кај мене или пак се препратени од општите доктори (кои воглавно не му придаваат значење на овој проблем и недоволно или скоро воопшто не се запознаени со оваа болест) или доаѓаат со констатација дека имаат болка во јајникот. 

Се создава грч на неколку делови на дебелото црево и содржината меѓу тие сегменти создава чувство на надуеност, болка и сл. 

Кои се симптоми на иритабилниот колон, односно нервозни црева: 

– болка во долниот дел од стомакот над препоните, (впрочем тоа е причината зошто жената го поврзува со болка во јајникот) почесто од левата страна. Болката никогаш не ја буди пациентката од сон, односно постои отсуство на ноќна болка 

– надуеност и кркорење на цревата – ретки (помалку од 3 пати неделно) столици, непотполно и отежнато празнење на цревата 

– ширење на болката кон ногата или пак нагоре кон белите дробови 

– лажни повици за празнење на цревата, измет тенок како молив 

– поретко, кај некои пациентки има ретки и чести столици 

Симптомите се зголемуваат во стресни ситуации. 

Причината за ваквата ситуација е непозната, но најчесто одговорни за овој проблем се стресот и напнатоста. Во ретки случаи причината може да е нетолеранција на глутен или лактоза од млечните производи. 

Дијагнозата се поставува со земање на анамнеза на проблемот, крвни анализи, гинеколошки преглед се со цел да се исклучат други заболувања, бидејќи специфична дијагностичка постапка не постои. 

Кај постарите пациентки и секако кај пациентките што даваат податок за крвав или црн измет потребна е колоноскопија. 

Специфична терапија не постои.Може да се обидат со таблети Рудакол кои од моето искуство делуваат помалку од 20-30% кај пациентките, но уште помалку делуваат спазмолитиците. Антидепресивите можат да дадат резултат кај одредени пациентки. Најважен е начинот на исхрана. Избегнувајте мрсна, пржена храна, бел леб, слатки. 

Препорачлива е храна богата со растителни влакна како цвеклото, црниот леб, киви и друго овошје… се со цел олеснето празнење на цревата, како и да се изнајде  емоционален механизам за справување со стресот. 

Сподели на Facebook и Twitter