Сончање во бременост

Најважно е конзумирањето храна богата со овошје и зеленчук како и да се внесуваат многу течности во текот на денот, особено во нај жешките периоди

        Д-р Ванче Какашевски

         Специјалист по гинекологија и акушерство

 

 

Во тек на летото што е веќе зад нас многу често добивав прашања поврзани со сончање во бременост. Па еве неколку совети како да се однесуваат бремените жени кон сонцето и летните жештини. 

Најдобро е сончањето да се избегнува. Препораките за трудниците се строги кога станува збор за изложеноста на сончеви зраци. Дозволено време е пред 10ч. и по 17ч., а сето останато време е премногу ризично како за трудницата така и за плодот.  

Директното изложување на УВ зраци може да предизвика тешка дехдратација и да доведе до колапс, а во исто време го зголемува ризикот од хиперкоагулабилност т.е. тромбоза кај трудниците. Предолгото изложување на УВ зраци може да предизвика и хипертермија кај трудницата, а тоа да доведе до контракции на матката и предвремено породување.  

Задолжителна е шапка со голем овод, кој ќе ги штити лицето, главата и вратот од сончевите зраци, како и облека од природно влакно. 

Кремата за сончање треба да биде со фактор над 30 СПП за да не дојде до изгореници кои можат да остават доживотни флеки на кожата, бидејќи под дејство на хормоните таа е многу склона кон хиперпигментација. 

И како најважно е конзумирањето храна богата со овошје и зеленчук како и да се внесуваат многу течности во текот на денот, особено во нај жешките периоди. 

Инаку овие препораки се однесуваат воглавно за постари луѓе, полесно болни, па дури и здрави со тоа што трудниците треба да се дополнително претпазливи кога се во прашање летните одмори и сончевите топли денови. 

Сподели на Facebook и Twitter