ДИСМЕНОРЕА (МЕНСТРУАЛНИ ГРЧЕВИ)

Може да е лоцирана и во долниот дел од р'бетот, колковите и пропратена со гадење, главоболка, вртоглавица и ретка столица. 

 

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

 

Дисменореата  самостојно или заедно со предменструалниот синдром ( ПМС) е уште еден здодевен и непријатен период низ кој поминува жената во тек на менструалниот циклус. Се карактеризира со пулсирачки грчеви во долниот дел од стомакот, непосредно пред и во време на циклусот.  Кај некои жени е непријатно, здодевно чувство, но кај некои грчењата се толку силни што ги попречуваат во извршувањето на секојдневните активности.  

Симптоми на дисменореа се: мачна ,грчевита болка во долниот дел од стомакот 1-3 дена пред почетокот на менструацијата, достигнува врв 24 часа по почеток на крварењето, а ја снемува по 2-3 дена. Може да е лоцирана и во долниот дел од рбетот, колковите и пропратена со гадење, главоболка, вртоглавица и ретка столица. 

Причините за ваквата состојба се тие што за време на менструацијата матката се собира и грчи за да го потпомогне исфрлањето на лигавицата. Хормоналните супстанции ( простаагландини) кои се присутни при болка и воспаленија, предизвикуваат контракции на матката. Повисоко ниво на овие простаагландини создаваат посилни контракции.  

Менструалните грчеви можат да бидат предизвикани и од: 

  • ендометриоза– за која детално зборував во еден од предходните написи 
  • фибриноиди и миоми– бенигни израстоци во ткивото на матката 
  • воспалителни процеси во карличната регија
  • стеснување на грлото на матката при што се ремети нормалниот проток на менструалната крв 

Постојат ризик фактори за појава на дисменореа: 

        –  возраст под 30 години 

        – појава на пубертет пред 11 години 

        -обилно или неправилно крварење за време на менструацијата 

        -пушење  

        -позитивна семејна историја 

Дисменореата обично не предизвикува други здравствени проблеми, сепак обратете му се на вашиот гинеколог во случај грчевите да ви го реметат секојдневното функционирање, ако симптомите постепено се влошуваат или ако сериозни грчеви се јават по 25-тата година, се со цел препознавање на евентуални состојби кои се можни причинители за дисменореа и нивен третман. 

Најчесто оваа состојба се третира со аналгетици, спазмолитици и антиревмтици, а поретко со хормонален третман.  

Сподели на Facebook и Twitter