Физикална медицина и рехабилитација – склоп на здравје и квалитет на живот

За соодветно сончање за време на летните денови, верифицирана е временска шема со широки препораки од целиот свет

 

Денис Арсовски 

дипломиран физиотерапевт, специјалист по рехабилитација во ортопедија, хирургија и трауматологија, магистер по специјална едукација и рехабилитација кај моторни нарушувања

 

ЕФЕКТИТЕ ОД СОНЦЕТО И НИВНОТО ДЕЈСТВО ВРЗ НАШИОТ ОРГАНИЗАМ

 Мојата пракса во доменот на балнеоклиматологијата (наука за минералните води, лековити гасови, температура на воздухот, сончевото зрачење и др.) е академски обемна, истата е од исклучителна важност за време на нагли промени кои се случуваат во текот на летните денови. Затоа, потребно е да се знаат кои промени се случуваат за време на летото во нашето тело и до кој степен тие се корисни.

Под хелиотерапија се подразбира примена на светлосната енергија, која од сонцето допира на земјата. При премин низ атмосферата сончевата енергија се менува квалитативно и квантитативно поради апсорпција и дисперзија, па сончевата светлина која допира до земјата содржи 60% инфрацрвени зраци, 35% видливи зраци, 1-3% ултравиолетови зраци и 2% други.

Поволните ефекти од сонцето се манифестираат како подобрување на субјективната состојба, намалување на чувството на болка, помала чувствителност на кожата на надворешни фактори, зголемена имунобиолошка реактивност, регулација на зголемените вредности на холестеролот и многу други. Кај пречувствителни, како и кај неконтролирани примени на сончевата светлина, се зголемува раздразливоста, се јавува несоница и главоболка, се зголемува телесната температура и се намалува апетитот.

Штетното дејство на сонцето е многу добро познато. Најмалку е појавата на црвенило и изгореници. Сериозното нарушување е труењето настанато при распаѓање на белковините под дејство на сонцето. Придружено е со главоболка, општа слабост, зголемена телесна температура и грозница. Кај потешките случаи настанува сончаница и топлотен удар. Желбата побргу да се поцрне и на тој начин да се зголеми способноста на организмот е заблуда. Црнилото е заштитна реакција на организмот и не треба да тоа да се инсистира.

За соодветно сончање за време на летните денови, верифицирана е временска шема со широки препораки од целиот свет. Правилното сончање се постигнува со соодветна шема:

  • Првиот ден да се сончаат стапалата (предна и задна страна), по 5 минути;
  • Вториот ден да се вклучат и потколениците, со продолжување на времето со 10 минути;
  • Третиот ден да се вклучат и надколениците, со продолжување на времето по 15 минути;
  • Четвртиот ден се изложува и трупот, со продолжување на времето по 20 минути;
  • Петтиот ден се изложува и градниот кош, со продолжување на времето по 25 минути на секоја страна на телото;
  • Наредните денови времето секојдневно се продолжува по 5 минути, додека не се достигнат по 45 минути, односно вкупно 90 минути.

Сончањето не треба да трае подолго од 1,5 до 2 часа. Кај сончањето важат општите правила, односно да се заштитат главата и очите од директното зрачење на сончевите зраци, да не се сонча со празен желудник, но од оброкот до почетокот на сончањето треба да поминат 60 до 90 минути. Според квалитетот и интензитетот на сончевата радијација во нашите предели, во летните месеци се препорачува сончање помеѓу 8 и 11 часот или помеѓу 15 и 18 часот, а во другите месеци околу пладневните часови.

За крај, би предложил неколку индикации и контраиндикации за сончање. Индикации за сончањето на рамнина се полиневритис, невралгија, мијалгија, дегенеративни промени на зголобите, екзема, псоријаза, додека на планина смирени форми на туберкулоза на белите дробови, коски и зглобови, хипохромна анемија, рахитис, професионални заболувања (силикоза, труење со олово и магленмоноксид). Контраиндикации за сончање:

  • Ативна туберкулоза на белите дробови;
  • Декомпензација на срце;
  • Склоност кон крварења;
  • Пелагра;
  • Фебрилни состојби и инфективни болести.
Сподели на Facebook и Twitter