Д-р Ванче Какашевски
Специјалист по гинекологија и акушерство
Еве некои совети околу планирањето на семејството.
Станува збор за овулацијата, односно плодноста кај жената.
За да забремени жената потребно е да се случи овулација. До овулација доаѓа кога јајната клетка созрева во овариумот, се одвојува и од стомачната празнина патува низ јајцеводите, каде се оплодува доколку предходно имало незаштитен сексуален однос, 2-3 дена пред и 1 ден по овулацијата.
Животот на јаце клетката трае 6-24 часа, а на сперматозоидите 2-3 дена, а во некои услови и повеќе.
Кај жените овулацијата се случува во 11-21 ден од циклусот, а се смета од првиот ден на менструацијата.
Поради помало или поголемо отстапување во траењето на менструалниот циклус, плодните денови треба индивидуално да се одредуваат за секоја жена.
Средна вредност на циклусот е 28 дена ( од првиот ден на крварењето, до првиот ден од следното крварење).
Со календарската метода времето на овулација се смета кога од првиот ден од крварењето се одземаат 12-16 дена, поточно 14 . Но ваквото сметање е ретроградно, или евентуално со претпоставки за датумот на следната менструација, па доколку станува збор за редовен циклус, лесно е пресметливо.
Инаку постојат знаци кои покажуваат дека има овулација, а тоа се низа промени во организмот поради дејството на хормоните, како што се:
- Набрекнатост и болка во градите
- Лесна болка во долниот дел од стомакот
- Зголемено либидо ( сексуална желба)
- Промена на вагиналниот секрет ( зголемен бистар слуз )
- Зголемена телесна температура од 0.3 – 1 степен
Постојат овулациски тестови кои не се баш евтини, а се базираат на мерење на хормоните во урината. Со ултразвук (ехо) доста прецизно се следи созревањето на фоликулот во овулацијата.