Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
Кронова болест ( Morbus chron) е неспецифично воспалително заболување на дигестивниот тракт.
На светско ниво се јавува од 1 до 15 случаи на 100 000 жители.
Тоа значи дека е ретка болест но со тенденција на пораст во последните години.
Оваа болест може да го зафати било кој дел од дигестивниот систем, но најчесто е локализирана во илеум (дел од тенкото црево) и колон ( дебелото црево).
Ѕидот на зафатениот дел од цревото е оштетен и задебелен, со појава на длабоки ранички ( улцерации, чиреви), кои можат да предизвикаат абцес и фистули (пукнатини во цревото).
Оваа болест може да се јави во било која возраст од животот, но најчесто е помеѓу 15-35 години. Подеднакво се јавува и кај мажите и кај жените.
Кроновата болест е многу слична на улцерозниот колитис, кој исто така е хронична цревна инфламаторна болест.
И покрај големиот напредок на медицината, причината за појава на Кроновата болест не е утврдена со сигурност. Се претпоставува дека е резултат на пренагласен одговор на антигени, кои можат да бидат од бактериска природа, а може и да се од самиот организам и тогаш велиме дека е автоимуна болест.
Докажано е и дека генетиката игра значајна улога во појавата на Кроновата болест.
Фактори на ризик се: пушење, неправилна исхрана, урбано живеење во индустриски населби.
Симптоми на Кронова болест се:
-дијареа (пролив)
-чувство на непотполно празнење на цревото
-опстипација (запек)
-болки и грчеви во стомакот
-крв во столица
-смален апетит и губиток на тежина
-висока телесна температура
-хроничен замор
За дијагноза на кронова бочест не постои специфичен тест.
Потребно е да се направи:
-комплетни лабораториски анализи
-урино и копрокултура
-колоноскопија и гастроскопија
-манетна резонанца
-биопсија на цревото
Не постои лек или терапија за комплетно излекување на Кроновата болест, туку целта на терапијата е лицето да се доведе до ремисија, смирување на болеста и релативно нормален и квалитетен начин на живот.
Терапијата се состои од лекови, посебен облик на исхрана и контрола на стресот и исклучително ретко хируршка интервенција.
Од лекови се користат: аминослицилати (Сулфасалазин и Месалазин), кортикостероиди, имуномодулатори и имуносупресиви, биолошка терапија (моноклонални антитела), антибиотици.
Потребен е доживотен, посебен план на исхрана, кој болните ќе го добијат од нивниот специјалист гастроентерохепатолог и до кој мораат строго да се придржуваат.
Понекогаш е потребна операција при која се отстранува најоштетениот дел од цревато.
Со рано откривање на болеста и соодветна рана терапија, како и правилен начин на исхрана, болните од Кронова болест може да живеат нормален, квалитетен и долг живот.