Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
Малите сипаници ( морбили) се акутно вирусно заболување предизвикано од вирусот на морбили, кое се манифестира со карактеристичен осип, висока температура и респираторни симптоми и знаци.
Пред откривање на вакцина, на секои 3-5 години се јавувале епидемии во кои секогаш имало повеке милиони смртни случаи, најчесто деца. Со воведување на живата атенуирана вакцина, која е во составот на МРП вакцината, ова заболување во развиените земји е исклучително ретко, во вид на мали мини епидемии.
Во последно време поради неоправданиот антиваксерски став и неоправданиот страв од аутизам после примена вакцина, се повеќе има невакцинирани деца и мали мини епидемии.
Вирусот на морбили многу лесно се пренесува од заразена на осетлива (невакцинирана ) личност , преку воздух, преку капките кои се создаваат при кашлање и кивање или поретко преку директен контакт со секретот од носот или грлото на заразеното лице.
Инкубацијата на малите сипаници е околу 10 дена од контактот со заразеното, болното лице.
Болното лице го пренесува вирусот и е заразно за околината 4 дена пред и 4 дена по појавата на осипот.
Клиничката слика се манифестира со бурен почеток, висока температура 38-40 степени, главоболка, треска, малаксаност, вознемиреност, со појава на секреција од нос, очи (плачна маска) , на слузницата на образите се формираат ситнозрнести дамки (Копликови дамки). По 3-4 дена од катаралниот, почетен стадиум настанува мало подобрување и потоа нагло се влошува состојбата со повторно покачување на температурата и влошување на општата состојба.
Осипот е водечки симптом на болеста. Најпрво се јавува на кожата на главата, позади ушите, а потоа на лицето и вратот. Продолжува да се шири од главата кон долните делови на телото како капки вода од туш. Се појавува 2-3 дена како црвени дамки помеѓу кои се гледа здрава кожа. Осипниот стадиум трае 5-6 дена, а се повлекува по истиот редослед како што се појавувал, од главата па надолу. Потоа почнува постепено подобрување на состојбата и целата болест, ако нема посериозни компликации трае две недели.
Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата, клиничката слика и лабораториските анализи.
Диференцијално дијагностички доаѓаат во предвид сите осипни болести со температура.
Терапијата е најчесто симптоматска, антипиретици, течности, витаминска терапија. Ако има компликации се воведуваат антибиотици.
Најважна од се е превенцијата која се постигнува со имунизација, вакцинација по календар како е предвидено со закон.
Не треба да постои страв од вакцината, бидејќи морбилите можат да бидат многу сериозна и понекогаш кај малите деца и смртоносна болест.