НЕДЕЛА НА КОНТРАЦЕПЦИЈА  

Поразговарајте со вашиот гинеколог пред  започнување на активен сексуален живот.

     

    

Д-р Ванче Какашевски

Специјалист по гинекологија и акушерство

 

НЕДЕЛА НА КОНТРАЦЕПЦИЈА  

    Планирањето на семејството овозможува секој пар да го одреди времето и бројот на бремености во нивниот живот, како и разликата во возраста помеѓу децата.   Планирањето на семејството води до подобри здравствени резултати и за мајката и за бебето. Планирањето на семејство е главен економски двигател на жените во последните 85 години и значително ја намалува стапката на детска сиромаштија, како и стапката на сиромаштија кај возрасните, го подобрува нивото на образование помеѓу младите, ја намалува лошата или никаква пренатална грижа и употребата на недозволени дроги. 

    Република Македонија има ниска стапка на преваленца на современи контрацептивни средства – само 21%. Според СЗО, околу 16 милиони адолесценти на возраст од 15 до 19 години раѓаат деца секоја година, што претставува околу 11% од вкупниот број новороденчиња во светот. Во нашата држава процентот на мајките родилки на возраст под 18 години изнесува 4%. Низ нашето образование ретко се зборува за сексуално и репродуктивно здравје. Затоа потребни се доверливи и почести дискусии со оние кои премногу се занемарени, односно со адолесцентите. Истите треба да имаат избор, пристап, доверлива здравствена грижа, едукација и поддршка за да го подобрат својот сексуален и репродуктивен живот. Потребен е слободен пристап на младите до контрацепција! 

    Уште  п.н.е. во античка Месопотамија и антички Египет, на записи на папирус откриени се упатства за тоа како да се направи бел ароматичен пијалок од листовите на силифиумот, кој бил познат по своите контрацептивни својства. Неколку стотици години подоцна, мажите Египјани користеле ленени обвивки кои биле обоени во различни бои за да се разликуваат и класите на луѓето. Првите гумени кондоми масовно започнале да се произведуваат во 60-те години на 19в., пред се за спречување на сексуално преносливите инфекции (СПИ), по избувнувањето на сифилисот низ западна Европа. Во тој период сифилисот секоја година убивал повеќе луѓе отколку СИДА-та во својот пик. Првата спирала е направена во 1909 г. од свилена буба. Хемиските и хормонски контрацептиви биле измислени во 50-тите години на 20в. и истите биле забранети за брачните парови. Но, не за долго. Во 1972 г. правото за нивно користење станува остварливо и за брачните парови. Денес, не само што ни се достапни безбедени контрацептивни средства, туку има и поголем асортиман за избор, а тоа значи поголема автономија над нашето тело, над нашето сексуално и репродуктивно здравје! 

  Препорака до сите жени, а особено до младите девојки е целосно да се информираат и едуцираат, а најдобро е да поразговараат со гинеколог, пред  започнување на активен сексуален живот. На тој начин ќе го заштитат своето, а и здравјето на нивниот партнер/и и ќе имаат контрола на текот на својот живот, особено кога станува збор за одлуката во кој период од животот ќе станат мајки.  

Сподели на Facebook и Twitter