ОСТЕОПОРОЗА

Дијагнозата се поставува со дензиметрија и секоја постара особа треба превентивно да ја направи преку својот матичен лекар

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

 

Претставува најчеста метаболна болест на развиениот свет која се карактеризира со намалување на коскената маса и микроархитектоника (густина) на коските, поради што коската станува помалку цврста и подложна на скршеници било спонтано или со сила која е помала од инаку потребната за скршеница на здрава коска. 

Коските се во постојан процес на обновување, се формира нова коскена маса која ја заменува постоечката (старата). 

При остеопорозата се намалува количината на калциум кој е одговорен за цврстината на коските. Таквите ронливи и порозни коски се силно осетливи на различни физички стресови (удари,паѓања). 

Остеопорозата е една од главните причини за инвалидитет кај постарите лица. 

Остеопорозата се јавува најчесто кај жени во постменопауза како резултат на намаленото ниво на естрогени. 

Се јавува почесто и кај постари особи (над 70 год.), кај лица што подолго време примаат кортикостероиди или лекови за епилепсија. 

Остеопорозата долго време останува клинички невидлива, без симптоми, и што е најважно не боли. Заради тоа со право се нарекува „тивок крадливец“ затоа што со години ја осиромашува коскената маса се додека не почнат да се јавуваат скршениците-фрактурите. 

Најчеста локализација на фрактурите се: 

  • Пршлените на р‘бетниот столб 
  • Колк и надколеница 
  • Други коски и зглобови 

 

Дијагнозата се поставува со дензиметрија и секоја постара особа треба превентивно да ја направи преку својот матичен лекар. 

Лекувањето на остеопорозата е медикаментозно со лекови од групата бифосфонати од кои најпознат е „Бонбивата“, која се дава еден пат во месецот и постигнува одлични резултати во зголемување на густината и цврстината на коските , а со тоа и намалување на ризикот од појава на фрактури. 

Најважен пат во спречување на остеопорозата е превенцијата кој се состои од: 

  • Доволен внес на Калциум и Витамин Д со храната, неопходно е да жени во постменопауза внесуваат 1200 мг калциум и 400-800 ИУ на витамин Д дневно. Потребно е да избегнуваат претерана употреба на кафе, цигари и алкохол. 
  • Вежбањето и физичката активност може да помогне во изградба на цврсти коски и го успорува губитокот на коскено ткиво.  

 

Сподели на Facebook и Twitter