ПАРКИНСОВА БОЛЕСТ

Со навремена и соодветна терапија паркинсовата болест може успешно да се третира со што на пациентот ќе му се овозможи нормално и самостојно извршување на секојдневните активности

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

Најважно и есенцијално е раното откривање на болеста, трпеливоста и дисциплинираноста на пациентот. 

Паркинсон е хронична, дегенеративна и прогресивна невролошка болест од која најчесто заболуваат луѓето над 60 годишна возраст. 

Етиологијата сеуште не е разјаснета, настанува намалување на нивото на еден невротрансмитер кој се нарекува допамин. 

Исто така во етиологијата може да се инволвирани и неколку генетски фактори. 

Карактеристични симптоми на оваа болест се : 

  • Тресење на главата и екстремитетите 
  • Вкочанетост и отежнато забавено движење 

Симптомите најчесто почнуваат еднострано, се забележува тресење на раката и ногата од истата страна, како и дискретно тресење на главата. 

Се појавува вкочанетост на екстремитетите, отежнато движење со ситни чекори и наведнатост на телото кон напред. 

Може да се појави и т.н. масковиден израз на лицето. 

Постепено доаѓа и до тешкотии со меморијата и развој на деменција како и нарушување на расположението. 

Круцијално е навремено да се дијагностицира болеста и бргу да се почне со соодветна терапија зошто во спротивно сите наведени тегоби постепено се влошуваат и настанува неподвижност на пациентот со неможност за самостојно обавување на секојдневните активности и завивсност од друго лице. 

Доколку навремено се откријат симптомите и болеста се препознае со соодветен третман на кој пациентот строго ќе се придржува, можно е болеста да се контролира. 

Затоа доколку забележите кај себе или кај некого од блиските постоење на некои од наведените симптоми, не чекајте тегобите сами спонтано да поминат.Веднаш обратете се на вашиот матичен доктор кој ќе ве упати на невролог за утврдување на дијагнозата и рано почнување со терапија. 

Важно е да се нагласи дека сите потребни лекови за лекување на паркинсовата болест се достапни во Македонија и пациентите не мора да се изложуваат на дополнителни трошоци за нивно набавување во странство. 

Најголемиот дел од лековите кои ги препишува матичниот доктор со препорака од невролог се на товар на Фондот за здравствено осигурување и одат на рецепт. 

Со навремена и соодветна терапија паркинсовата болест може успешно да се третира со што на пациентот ќе му се овозможи нормално и самостојно извршување на секојдневните активности. 

Сподели на Facebook и Twitter