ПЕРТУСИС (ГОЛЕМА, МАГАРЕШКА КАШЛИЦА)

Сепак најдобар начин за заштита од пертусис секако е масовната вакцинација со што ќе се создаде и индивидуален, а исто така и колективен имунитет

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

Пертусис или голема кашлица е исклучително заразна респиратотна болест која е предизвикана од бактеријата bordetella pertussis. 

Се пренесува на други лица преку честички кои се исфрлаат при кашлањето и кивањето од инфицирана на осетлива особа. 

Од голема кашлица може да се разболат луѓе од сите возрасти. 

Најтешките форми на болеста, дури со значајна смртност, се јавуваат кај малите деца до една година. 

Во моментот е актуелна епидемија во соседните балкански земји, а кај нас особено во Скопје има голем број на болни деца од кои најголемиот број се невакцинирани.Тоа го зголеми интересот за вакцинирање и голем број на невакцинирани деца ќе се имунизираат што секако е позитивен чекор и поттик сите деца да се вакцинираат по постоечкиот календар за имунизација. 

Инкубацијата на болеста од контактот е 7-10 дена кога се појавуваат првите симптоми. 

Почнува како настинка со кивање, солзење на очите, кашлица, блага температура. 

Во втората фаза подоминантна е интензивната кашлица која е карактеристична за пертусис, при која во текот на едно издишување настануваат повторувачки напади на неколку брзи искашлувања по кои доаѓа карактеристичен звук на борба за воздух, слично на звук од магаре и затоа се вика и магарешка кашлица. 

Потоа настанува фаза на реконвалесценција која трае 2-3 недели. 

Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата за контакт со инфицирана личност, најчесто податок за невакцинирано лице, врз основа на карактеристичната клиничка слика. 

Се зема брис за докажување на бактеријата, се прават серолошки тестови, лабораториски анализи. 

Лекувањето на болеста е со антибиотици од групата макролиди како што се азитромицин (сумамед), кларитомицин, еритромицин. Многу важна е брза и рана дијагноза за доброто дејство на терапијата. Антитусиците против кашлица послабо делуваат. 

Сепак најдобар начин за заштита од пертусис секако е масовната вакцинација со што ќе се создаде и индивидуален, а исто така и колективен имунитет. 

 

Сподели на Facebook и Twitter