Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
Х Е Л И К О Б А К Т Е Р П И Л О Р И
(Бактерија во желудникот)
Хеликобактер пилори е бактерија откриена во 1982, година која денес важи за главен виновник за воспаление на слузницата на желудникот и други делови на гастроинтестиналниот тракт.
Тоа е спирална бактерија која кога ќе дојде во организмот, се вгнездува и живее во слузницата на желудникот и дванаесетпалачното црево.
Желудникот постојано лачи желудечен сок кој содржи киселини кои ги уништуваат бактериите, но оваа бактерија лачи одредени ензими со кои се штити од киселината и се населува во самата слузница.
Како резултат на инфекција со Хеликобактер пилори се јавува воспаление на желудникот (гастритис), чир на желудникот и дванаесетпалачното црево, а во ретки случаи и карцином.
Самата инфекција го поттикнува организмот да се брани од бактеријата и да создава антитела во почетокот ИгА , а потоа ИгГ , преку чие откривање во крвта се дијагностицира присутвото на самата бактерија.
Како се пренесува Хеликобактер пилори :
– најчесто се пренесува како фекално – орална инфекција преку нечисти раце, недоволно измиена храна (салати и др. вид на зеленчук и овошје) , односно лоша лична хигиена и хигиена на храната.
– поретко може да се пренесе и преку близок личен контект со инфицирана особа
– се смета дека голем процент на светската популација е само носител на бактеријата која живее во слузницата без да предизвика никакви симптоми многу долг период, а за тоа време може да се пренесе на друго лице.
Симптоми на инфекција со Хеликобактер пилори :
– надуеност на стомакот
– често подригнување
– мачнина и повраќање
– повремена стомачна болка
– загуба на апетитот
Инфекцијата со Хеликобактер пилори по појавата на симптомите се открива преку анализа на крвта и фецесот.
По поставување на дијагнозата, матичниот доктор ќе ви даде тројна терапија со која најчесто успешно се прави ерадикација на бактеријата и излекување.
Потребно е пациентите со Хеликобактер пилори да избегнуваат зачинета, лута храна, обилни оброци, мрсна храна, тестенини, кафе, алкохол.
Докажано дејство против Хеликобактер пилори имаат:
– брокулата, лукот, зелениот чај, како и пробиотиците и флавоноидите.