Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Потребно е пациентите со Хеликобактер пилори да избегнуваат зачинета, лута храна, обилни оброци, мрсна храна, тестенини, кафе, алкохол.

  Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

Х Е Л И К О Б А К Т Е Р   П И Л О Р И

(Бактерија во желудникот)

 

Хеликобактер пилори е бактерија откриена во 1982, година која денес важи за главен виновник за воспаление на слузницата на желудникот и други делови на гастроинтестиналниот тракт.

Тоа е спирална бактерија која кога ќе дојде во организмот, се вгнездува и живее во слузницата на желудникот и дванаесетпалачното црево.

Желудникот постојано лачи желудечен сок кој содржи киселини кои ги уништуваат бактериите, но оваа бактерија лачи одредени ензими со кои се штити од киселината и се населува во самата слузница.

Како резултат на инфекција со Хеликобактер пилори се јавува воспаление на желудникот (гастритис), чир на желудникот и дванаесетпалачното црево, а во ретки случаи и карцином.

Самата инфекција го поттикнува организмот да се брани од бактеријата и да создава антитела во почетокот ИгА , а потоа ИгГ , преку чие откривање во крвта се дијагностицира присутвото на самата бактерија.

Како се пренесува Хеликобактер пилори :

–  најчесто се пренесува како фекално – орална инфекција преку нечисти раце, недоволно измиена храна (салати и др. вид на зеленчук и овошје) , односно лоша лична хигиена и хигиена на храната.

–  поретко може да се пренесе и преку близок личен контект со инфицирана особа

–  се смета дека голем процент на светската популација е само носител на бактеријата која живее во слузницата без да предизвика никакви симптоми многу долг период, а за тоа време може да се пренесе на друго лице.

Симптоми на инфекција со Хеликобактер пилори :

–  надуеност на стомакот

–  често подригнување

–  мачнина и повраќање

–  повремена стомачна болка

–  загуба на апетитот

Инфекцијата со Хеликобактер пилори по појавата на симптомите се открива преку анализа на крвта и фецесот.

По поставување на дијагнозата, матичниот доктор ќе ви даде тројна терапија со која најчесто успешно се прави ерадикација на бактеријата и излекување.

Потребно е пациентите со Хеликобактер пилори да избегнуваат зачинета, лута храна, обилни оброци, мрсна храна, тестенини, кафе, алкохол.

Докажано дејство против Хеликобактер пилори имаат:

–  брокулата, лукот, зелениот чај, како и пробиотиците и флавоноидите.

Сподели на Facebook и Twitter