Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Болниот превентивно треба да спие на рамна постела, да избегнува подигнување на поголема тежина и да спроведува соодветни вежби.

  Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

ДИСКУС ХЕРНИЈА

 Што е дискус хернија? 

 Помеѓу пршлените на ‘рбетниот столб постојат еластични и меки во вид на дискус, тела кои се амортизери, перничиња на ‘рбетот. 

Кај младите овие дискуси се еластични и меки. Со возраста тие ја губат својата еластичност и стануваат подложни на повреди. 

Со намалувањето на еластичноста на меѓупршленските тела (дискус), се зголемува веројатноста тој да попушти (прсне) да се измести од својата природна ложа и да почне да прави притисок на околните структури, ‘рбетниот мозок и корените на нервите кои излегуваат во близина на дисковите. 

Таа промена се нарекува дискус хернија. 

 Дискус хернија е многу чест здравствен проблем. 

Најновите иследувања на светско ниво покажуваат дека кај 30% од луѓето над 40 годишна возраст веќе се појавуваат почетни промени на меѓупршленските дискуси. 

 Најчесто настанува поради неправилни и неприродни движења на ‘рбетниот столб, најчесто во пределот на крстот. 

Само едно невнимателно наведнување кон напред или подигнување неправилно или неспремно на тежина, која и не мора да биде многу голема, може да доведе до изместување на дискот од неговото лежиште. 

Дискус хернијата може да се појави на било кој дел од ‘рбетот, но најчесто(90%) во крстниот дел, помалку (8%) во вратниот дел. 

Таа не се појавува во градниот, торакалниот дел од ‘рбетот поради цврстата коскена опкруженост на тој дел. 

 Симптоми 

Болката е доминирачки симптом. Таа е најчесто во пределот на лумбалниот дел(лумбаго), но во зависност од тоа поместениот диск на кој корен и висина на нервите прави притисок, може да се јави и болка во колкот и ногата се до прстите (лумбоишијалгија). 

Исто така многу често се појавува и трнење на зафатениот екстремитет, а понекогаш и губење на чувството на кожата на тие делови. 

Сите овие симптоми се аларм да се јавите кај вашиот матичен лекар, за да се постави точна дијагноза и да се даде соодветна терапија. 

 Дијагнозата се поставува со анамнеза, клинички преглед, рендгенска снимка, електромиографија(ЕМГ), магнетна резонанца (МРИ). 

 Лекувањето бара прво ублажување на болките кои во голем број на случаи се силни и неподносливи.Тоа се прави со медикаменти како лекови кои се пијат, различни масти за локална употреба, преку интрамускулни инекции, апликација на лекови во близина на самата хернија. По смирување на болките се препорачува физикална терапија со вежби, како би се зацврстила паравертебралната мускулатура. 

 Болниот превентивно треба да спие на рамна постела, да избегнува подигнување на поголема тежина и да спроведува соодветни вежби. 

 Ако сите овие мерки не помогнат, настане значителна слабост на мускулите (атрофија), болеста не поминува се советува и потреба  од хируршка интервенција. 

Сподели на Facebook и Twitter