Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Треба да се пие поголема количина вода, да се намали телесната тежина и да не се пие алкохол и газирани пијалоци. 

  Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

   Г И Х Т 

 Гихт е болест позната од  многу одамна. Се нарекува кралска болест, а во денешно време болест на менаџерите и богатите, поради начинот на нивната исхрана. 

Гихтот е метаболна болест предизвикана од зголемени вредности на мокрачната киселина (acidum urikum) во крвта. 

Се работи за типично машка болест, а жените не заболуваат од гихт  се до менопаузата, освен во ретки случаи кога има фамилијарна, генетска предизпозиција. 

Гихтот може да се појави поради зголемен внес на мокрачна киселина, поради намалено нејзино излачување или со комбинација на двете причини. 

Зголемениот внес настанува преку внесување на храна богата со пурини, од кои со метаболизмот се создава мокрачна киселина и кога е многу зголемена неможе да се излачи од организмот и се ствараат кристали кои се таложат околу зглобовите и предизвикуваат воспаление. 

Храна богата со пурини се црвено месо, црн џигер, сувомеснати производи, плава риба и др. 

Намалено излачување има кај некои болести на бубрезите. 

Комбинација на двете причини има кај генетска наследна болест со недостаток на одредени ензими од метаболизмот на мокрачната киселина. 

Алкохолот доведува до зголемено стварање на мокрачна киселина и до нејзино намалено излачување , така да кај особи кои имаат гихт се советува апстиненција или не внесување на алкохол. 

Некогаш хиперурикемијата не предизвикува симптоми. Оваа состојба може да трае со години се додека не се појави првиот акутен напад на болеста. Самиот напад е многу карактеристичен. Почнува обично ноќно време по обилна вечера и алкохол, а болката најчесто е локализирана на палецот на ногата. Болката е многу јака и станува поинтензивна до неиздржливост, трае неколку денови и се смирува, некогаш со терапија а некогаш и спонтано се до наредниот напад кој може да биде по неколку денови, месеци или години. Болката и воспалението може да се јави и на другите зглобови. 

Болеста доколку не се лекува добива хроничен карактер со деформација на зглобовите и појава на јазли (тофи), кои се јавуваат околу зглобовите и се составени од соли на мокрачната киселина кои се таложат. 

Гихтот е болест  што може да се контролира. Треба дисциплина во однос на земање терапија и придржување до одреден хигиено-диететски режим. 

Од терапија се користат антиревматици, кортикостероиди при напад и лекови долгорочно за намалување на мокрачната киселина. 

Од храна забрането е: црвено месо, сувомеснати производи, месо од мисирка, риба од конзерви, морски плодови и др. 

Дозволено е: пилешко месо, млеко и млечни производи, овошје и зеленчук, кафе и чај. 

Треба да се пие поголема количина вода, да се намали телесната тежина и да не се пие алкохол и газирани пијалоци. 

Сподели на Facebook и Twitter