Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Ако состојбата на затруениот е сериозна треба да се однесе до најблиската здравствена установа или да се повика итна служба. 

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

ПРАЗНИЧНО ТРУЕЊЕ СО АЛКОХОЛ 

 Како што се приближуваат празничните денови, со овој пост сакам да ви обрнам внимание на опасностите од акутното труење – ИНТОКСИКАЦИЈА СО АЛКОХОЛ. 

Акутното труење со алкохол е сериозна, а понекогаш и смртоносна последица на внесување, конзумирање на големи количини на алкохол во краток временски период. 

За разлика од храната, алкохолот се апсорбира многу побргу од повеќето други хранливи материи, а на телото му е потребно многу подолго време да се ослободи од алкохолот кој е внесен. 

Ресорпцијата на алкохолот зависи од повеќе фактори: 

– моменталната здравствена состојба 

– присуство или отсуство на храна во желудникот и цревата 

– времето, брзината на внесување на алкохолот 

– јачината и количината на внесениот алкохол 

Елиминацијата на алкохолот од организмот се случува преку црниот дроб во најголем дел (85-90%), мал дел во другите ткива, а 10-15% не променет алкохолот се елиминира преку издишаниот воздух, урината и преку потење. 

Симптоми во поедини фази на алкохолизираност: 

– до 0,5 промили во крвта се мисли дека нема клинички знаци или пак постоење на многу мали промени на слухот и видот 

– од 0,5 до 1,5 промили се јавува емоционална лабилност, промена на говорот, пореметување на движењето, преценување на сопствената способност на паметење и запазување, нарушена координација на движења, намалена адаптација на темно и светло, се намалува видот и слухот за 30-40% 

– од 1,5 до 2,5 промили има нарушени интелектуални функции, често  вртоглавица и повраќање, се губи самокритичноста и контролата, постои временска и просторна дезориентација, нестабилност при одење, замаглен вид, а можен е и губиток на свест 

– од 2,5 до 3,5 промили има дупло гледање, почест губиток на свеста, поспаност, нестабилно одење, гадење, повраќање 

– од 3,5 до 4 промили настапува општа слика на труење со тешка психомоторна одземеност, почест губиток на свеста, некогаш и кома 

– над 4,0 промили алкохол во крвта се смета за смртоносно труење поради парализа на центарор за дишење и кардиоваскуларниот центар во мозокот 

Како да се постапи со лице кое е интоксицирано со алкохол: 

– најпрво треба да се отстранат сите алкохолни пијалоци од околината на интоксицираното лице 

– треба да се одведе на сигурно место каде нема опасност од паѓање и повреди

– ако лицето управувало со возило, треба да се спречи да продолжи да вози 

– да се дознае дали лицето користело лекови или некои дроги 

– кофеинот и туширањето имаат краткотраен подобрувачки ефект 

Не постои брз начин или лекови кои ќе го поништат дејството на труењето со алкохол. 

Ако состојбата на затруениот е сериозна треба да се однесе до најблиската здравствена установа или да се повика итна служба. 

За крај ви посакувам СРЕЌНИ И ВЕСЕЛИ ПРАЗНИЦИ и бидете внимателни со внесот на алкохол. 

Сподели на Facebook и Twitter