Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
ИНФЕКЦИЈА НА УРИНАРНИОТ ТРАКТ
Уринарните инфекции се едни од најчестите инфекции кај луѓето, особено кај жените. Повеќе од 50% од жените барем еднаш во животот имале уринарна инфекција.
Уринарната инфекција го зафаќа уринарниот тракт во целост, или негови делови: уретреата, мочниот меур, уретреите или бубрезите. Најчесто инфекцијата е локализирана на долниот уринарен тракт, кој ги опфаќа уретреата (каналчето од мочниот меур до надворешниот отвор и самиот мочен меур).
Кај жените е почеста инфекцијата поради самата анатомска градба на уринарниот тракт. Уретреата кај жените е пократка, надворешниот отвор се наоѓа во вагината, исто така е близу и до аналниот отвор, а со тоа многу повеќе изложен на контаминација со фекалните бактерии.
Инфекциите на уринарниот тракт најчесто се предизвикани од бактерии, а поретко од габички. Како најчест причинител, изолирана во повеќе од 85% од случаевите е бактеријата Escherihia colli, но може да се и други бактерии.
Постојат фактори на ризик за појава на уринарни инфекции:
- кај нарушен имунолошки систем
- кај трудници
- жени во менопауза
- каменчиња во бубрези или мочен меур
- кај лица кои носеле или носат уринарен катетар.
Особено кај жените треба да се внимава при одржување на хигиената и правилно бришење после дефекација, од напред кон назад.
Симптоми на уринарни инфекции се:
- болка, пецкање и други тегоби при самото мокрење
- нагон за често мокрење
- притисок во долниот дел од стомакот
- непријатна миризба на урината
- заматеност на урината
- крв во урината (хематурија)
- замор, малаксаност
- Покачена температура (што може да значи дека инфекцијата се проширила на горниот уринарен тракт и бубрезите)
Во случај да се појават овие симптоми, јавете се кај вашиот матичен доктор, кој ќе направи одредени анализи (крвни анализи, урина, уринокултура, ехотомографија) и ќе ви препише соодветна терапија.
Уринарната инфекција успешно се лекува со антибиотици.
Како превенција од уринарна инфекција следете ги следниве препораки:
- мокрите штом почувствувате потреба
- мокрите барем на секои 3-4часа (да не се задржува урината)
- уринирајте пред и по сексуален однос
- практикувајте редовна и целосна хигиена
- пијте минимум 2-3л течност
- избегнувајте носење на тесна облека