Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

За да се открие причината (алергенот) во смирена состојба, кога не се прима терапија, се прават алергиски испитувања за откривање на причинителот.  

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

УРТИКАРИЈА (КОПРИВЊАЧА) 

Уртикаријата е кожно заболување, меѓу народот познато како ,,копривњача“, поради карактеристичните промени на кожата кои наликуваат, или се исти, како оние кои се јавуваат по допир со коприва. 

Уртикаријата е честа кожна болест која може да се јави кај луѓето во секоја возраст, вклучително и кај децата. 

Станува збор за алергиска рекција од брз тип, односно таа се манифестира многу бргу по контакт со самиот алерген.  

Карактеристична промена на кожата е т.н. ,,уртика“, која е бледоцрвена или црвена, над ниво на кожата, со различна големина, која се карактеризира со пецкање на кожата или јадеж. Уртикариите можат да бидат поединечни, на одредени делови на телото, или да се простираат по целото тело, како географска карта. Овие промени се како резултат на ослободување на одредени материи во кожата (хистамин), кои го предизвикуваат јадежот и промените на кожата.  

Карактеристично за уртикаријата е тоа што промените на некои делови на телото исчезнуваат, а се појавуваат на други.  

Отокот може да е манифестиран и околу очите, усните, па дури да доведе и до деформација на лицето. 

Состојбата некогаш може и да напредне и отокот да ги зафати дишните патишта, што доведува до тешкотии во дишењето. Многу ретко уртикаријата може да е асоцирана покрај оток на устата (ангиоедем) и на дишните патишта и со појава на алергиска потешка реакција на целиот организам, која е исклучително сериозна и се нарекува АНАФИЛАКТИЧКИ ШОК.  

Ако уртикаријата трае до 6 недели е акутна, а подолго од 6 недели се нарекува хронична уртикарија. 

Постојат повеќе причини за појава на утрикарија, но во основа станува збор за класична имунолошка алергиска реакција предизвикана од некој алерген.  

Најчести причинители (алергени) се: 

  • храна- најчесто кикиритки, ореви, млеко и млечни производи, школки, некои овошја, риба, јајца… 
  • лекови 
  • домашни миленичиња и други животни 
  • полен 
  • убод од инсект… 

Некогаш уртикаријата може да се јави и како последица на: 

  • експозиција- изложеност на сонце 
  • експозиција на студ 
  • инфекции, најчесто вирусни 
  • анксиозност или стрес 
  • контакт со хемикалии 

Дијагноза на болеста најчесто се поставува при самиот клинички преглед, без потреба од дополнителни испитувања во акутната фаза.  

За да се открие причината (алергенот) во смирена состојба, кога не се прима терапија, се прават алергиски испитувања за откривање на причинителот.  

Терапијата на болеста зависи од манифестациите и акутноста на состојбата. Кај итни состојби треба ампулирана терапија во медицинска установа. Некогаш полесните форми поминуваат сами од себе без терапија. Во некои случаи се применува антихистаминска терапија и локална употреба на масти. 

Најдобри резултати се постигнуваат кога ќе се открие алергенот и ќе се избегнува експозицијата- изложеноста на истиот. 

Сподели на Facebook и Twitter