Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Постојат лекови кои се земаат од аптека и се употребуваат половина час пред патувањето како би имало време да се манифестира нивното дејство.

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

КИНЕТОЗА (БОЛЕСТ НА ДВИЖЕЊЕ, МОРСКА БОЛЕСТ) 

 Тоа е болест предизвикана од движење, патување и се манифестира со непријатни симптоми како мачнина, вртоглавица, повраќање кои  често пати се пропратени со ладна пот и пад на крвниот притисок. 

Се претпоставува дека од 20-30 % од популацијата ја имаат кинетозата, зачестеноста се зголемува со должината на траењето на патувањето.Болеста на движење може да се јави при патување со различни превозни средства, автомобил, авион, воз, брод (затоа и се вика морска болест). Некои особи имаат кинетоза само од одредено превозно средство, а некои при секакво патување и со било кое превозно средство. 

За да ја одржиме рамнотежета и да се ориентираме за положбата на своето тело во просторот, се користиме со добро ускладени механизми како што се: полукружните каналчиња во внатрешното уво, рецептори од мускулно-зглобниот систем, рецептори на допир во кожата и видот. 

Болеста на движење настанува кога центарот за рамнотежа во внатрешното уво прима различни дразби од другите рецептори особено преку видот. На пример кога се возиме со брод и сме во кабина без прозори, внатрешното уво ќе го примети постојаното лулање на бродот, а во нашите очи околината привидно стои во место и ќе дојде до краток спој во мозокот и тој не знае како правилно да реагира и затоа доаѓа до појава на горенаведените симптоми. 

Еве неколку практични совети како би се ублажиле или спречиле симптомите на кинетозата: 

– секогаш настојувајте да правецот на движење биде во согласност со погледот односно ако се возите во автомобил како патник на седиштето до возачот гледајте во далечина како би се намалиле постојаните промени во видните дразби. Ако осетите нелагодност побарајте веднаш од возачот да застане и прошетајте малку. Ако патувате со авион, одберете седиште до прозорот како би можеле да го гледате движењето на околината под вас. Ако патувате со брод што повеќе бидете на палубата и гледајте во далечина. 

– никогаш не патувајте наопаку, односно секогаш бидете свртени и седите нанапред и гледајте пред себе во правец на движењето. Избегнувајте читање на книга, работа со мобилен телефон или со компјутер (лаптоп). 

– избегнувајте за време на патувањето јаки мириси и тешка храна  

– подобрете ја вентилацијата, отварање на прозор, климатизација 

– не размислувајте за кинетозата и мислите на нешто убаво 

Постојат лекови кои се земаат од аптека и се употребуваат половина час пред патувањето како би имало време да се манифестира нивното дејство. Проблем е кога симптомите се веќе почнати и се појавило повраќањето, тогаш евентуално ако има можност да се употреби чепче (супозиторија) или инекција. 

Сподели на Facebook и Twitter