Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
ДЕКУБИТУС
Декубитус претставува локализирана рана на кожата и/или поткожните ткива.Најчесто се развива над коскените истакнувања и е предизвикан од притисок или од комбинација на притисок и свлекување.
Се создава како резултат на лоша циркулација и исхрана на тие делови.
Притисок:
– декубитусот се јавува кога еден дел од кожата е изложен на голем притисок кратко време, или на послаб притисок подолго време
– притисокот ја намалува циркулацијата на тој дел, а со тоа и исхраната на ткивото па поради тоа кожата и подкожните ткива почнуваат да изумираат создавајќи рана.
Свлекување:
– настанува кога горниот дел на пациентот е подигнат, кожата на грбот е прилепена на креветот, душекот и чаршафот, а другите подлабоки делови и коските се свлекуваат надолу, крвните садови се вклештуваат при што доаѓа до нарушување на циркулацијата.
Постојат повеќе стадиуми на декубитус:
- кога има само црвенило на кожата без нејзино оштетување
- делумно губење на кожата со зафаќање на површинскиот слој на кожата
- губење на кожа, со оштетување и некроза на поткожното масно ткиво се до површината на мускулите
- комплетно губење на кожа, поткожно масно ткиво и некроза и оштетување на мускулите и коските.
Декубитус се јавува најчесто кај следните лица:
– неподвижни лица, кои долго време поминуваат во кревет или количка
– кога има тешка и исцрпувачка болест
– ако не може да се движи без туѓа помош
– ако не ја задржува урината
– по хируршка интервенција
– ако не чувствува болка (кај мозочен удар, повреди на р’бет)
– кај постари лица (ослабена циркулација, потенка кожа, помалку поткожно масно ткиво, послабо движење)
Како да се превенира, спречи декубитус:
– еднаш дневно да се контролираат местата изложени на декубитус
– користење декубитални креми за превенција
– користење крема за масажа на телото
– менувајте ја позицијата на телото на секои два часа, деноноќно
– користење анти декубитални и анатомски подлоги
– користење анти декубитални перници и душеци
– заштита на лактите и петите
Кога веќе е појавен декубитус треба:
– раната да се чисти со вода и физиолошки раствор, да не се употребуваат хидроген и јод
– да се користат специјални преврски (хидроколоидни, алгинатни)
Најважна е превенцијата во спречување на појавата на декубитус.