Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

Ако веќе приметите дека имате крлеж забоден во вашата кожа, најдобро е да се обратите на стручно медицинско лице кое правилно ќе знае да го отстрани

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

 

УБОДИ ОД КРЛЕЖ 

 Крлежите се пајаковидни инсекти кои живеат во тревите и ниските жбунести растенија и се хранат со крв од разни животни, домашни миленици и човекот.Тие немаат крилја, не летаат, полека се движат по растенијата и се прикачуваат на кожата на домаќинот. 

Постајат стотици врсти на крлежи, а поделени се на меки и тврди. 

Тврдите се поопасни и некои од нив можат да бидат заразени и да пренесуваат инфективни болести, од кои најчеста е Борелиозата, односно Лајмската болест. 

Превентивна заштита од крлежи: 

  1. Да се облече соодветна облека за престој во природа (долги ракави, ногавиците ставени во чорапите, затворени обувки)
  2. Избегнувајте облека со темна боја за полесно да се забележат
  3. Одете по обележани патеки
  4. По враќање дома преоблечете се и прегледајте си го телото или телото на детето кое било во природа
  5. Истуширајте се по враќањето од природа

Ако веќе приметите дека имате крлеж забоден во вашата кожа, најдобро е да се обратите на стручно медицинско лице кое правилно ќе знае да го отстрани.Треба да се отстрани што побргу затоа што ризикот од инфекција е многу поголем ако подолго крлежот е забоден во кожата. 

Крлежот не треба да се премачкува со ништо (алкохол, креми, масла, лак за нокти, бензин и сл.) ниту да се гори или да се стиска затоа што со овие постапки го стимулираме да се грчи и да ги исфрла секретите во крвта ширејќи ја инфекцијата. 

Тој се отстранува со пинцета со фаќање што поблиску до кожата и лесно се повлекува нагоре за да не се истиснат секретите во крвта. 

Ако стои подолго, во околината на убодот се јавува црвенило, оток, јадеж и понекогаш болка. 

Знаци и симптоми на Лајмска болест: 

– тие можат да се јават од една недела до еден месец по убодот од крлеж 

– најчесто за крлежот да ја пренесе болеста треба да е прикрпен од 36-48 часа 

– прв знак на инфекција е локалното црвенило околу убодот кој се шири како круг 

– се јавува општа слабост, замор, треска, покачена температура, главоболка, болки во мускули и зглобови, отекување на лимфните жлезди на вратот 

– по еден до три месеци може да се јави осип, црвенило околу убодот или на други места (еритема мигранс) 

Лајмската болест е сериозна хронична болест која може да трае со години ако не се лекува. За среќа многу мал број на крлежи се заразени со Борелија па оваа болест е многу ретка. 

Затоа ве советувам да ги почитувате препораките за движење во природа и ако приметите дека ви се закачил крлеж што побргу јавете се во здравствена установа. 

Сподели на Facebook и Twitter