Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор
КАМЕНЧИЊА ВО ЖОЛЧКА ( ХОЛЕЛИТИЈАЗА )
Жолчката е течност која се создава во црниот дроб и се излачува преку жолчните патишта во дванаесетпалачното црево и има улога да помогне во растворање на мастите од храната и со тоа да ги направи погодни за ресорпција, за да може организмот да ги земе од храната.
Влијае и на ресорпцијата и на липосолубилните витамини (витамини растворливи во масти) А, К, Е, Д. Жолчното ќесе е посебно проширување во системот на жолчни канали со големина околу 10 см и служи како резервоар на жолчката. Во случај на обилни и масни оброци, кога за варење е потребна поголема количина на жолчка , со негова контракција, грчење, се истиснува жолчката од ќесето и се постигнува подобро варење на мастите од храната.
Жолчните камења се цврсти формации кои се создаваат од компоненти на жолчниот сок.
Според тоа разликуваме холестеролски, билирубински или мешани каменчиња.
Постојат повеќе причини за создавање на каменчиња, но со сигурност ни една од нив не може да се докаже.
Најчести причини се :
– покачено ниво на холестерол или билирубин во жолчниот сок
– застој на жолчката, малформација на жолчните патишта, опструкција
– воспаление на жолчните патишта
– генетски фактор и др.
Ризик фактори за појава на каменчиња најчесто се:
– обезност- прекумерна телесна тежина го зголемува ризикот
– исхрана богата со холестерол
– женски пол- веројатно поради високото ниво на естрогени
– бременост
– дијабетес
Симптоми и знаци на холелитијаза:
– може да биде асимптоматски ( во многу голем процент)
– ненадејна и силна болка во предел на абдоменот, најчесто под десниот ребрен лак, често се шири кон десното рамо и грбот
– гадење
– повраќање
– покачена температура
– жолтица
Дијагнозата се поставува со ултразвук ( ехо) и лабораторија.
Терапија и превенција:
– кога веќе се појавени симптоми терапијата е хируршка и денес најчесто лапароскопска без големи резови и рани
– превенцијата е во консумирање на храна со малку холестерол и заситени масти и почести а помали оброци, како и зголемена физичка активност кај обезните лица.