Практични совети за здравјето од д-р Емилија Милановска

 Анемијата е болест со многу лица. Затоа редовно контролирајте ја вашата крвна слика.

 

Д-р Емилија Милановска – Матичен доктор

         А Н Е М И Ј А ( СЛАБОКРВНОСТ ) 

 

Анемија е состојба која настанува кога во крвта се јавува недостаток на црвени крвни зрнца (еритроцити) и / или нивните главни градивни елементи-хемоглобинот. Хемоглобинот за себе го врзува кислородот во белите дробови и негова улога е да го пренесе во сите органи и ткива како тие би можеле да функционираат. 

 Постојат повеќе врсти на анемии како и голем број на причини и начини на лекување. Некои се благи, минливи и не се знак за загриженост, додека некои претставуваат сериозни хронични пореметувања. 

 Постојат повеќе причини за анемија. Најчести се : 

 – недостаток на железо – тоа е една од најчестите причини за појава на анемија. Тоа може да се случи при губење на крв кое може да е акутно или хронично. Акутно губење на крв може да настане при повреди, компликација на операција или породување. 

Хронично губење на крв може да се јави кај некои тумори. 

Недостаток на железо може да има и кај лоша исхрана со мал внес на железо, лоша ресорпција поради болести на дигестивниот тракт, обилни менструални крварења. 

 – недостаток на витамини – тука најважен е недостатокот на: 

– витамин Б12, витамин Ц и фолна киселина. 

 – хронични болести: 

– болести на бубрезите, рак, хронични инфекции, ХИВ, реуматоид артритис и др. 

 – генетика-таласемија и анемија на српести клетки 

 Симптоми кои најчесто упатуваат на анемија: 

 – замор и слабост, вртоглавица, бледа кожа, несвестица, мачнина, краток здив, недостаток на апетит, депресија, тахикардија. 

 Анемијата почесто се јавува кај малите деца и бремените жени. Анемијата се открива преку лабораториска анализа на крвта. 

Кога ќе се открие анемијата и нејзината причина се почнува со лекувањето. 

Кај анемија од недостаток на железо се даваат таблети или ампули со железо. Многу е важно во исхраната да внесувате производи кои содржат железо, витамин Ц , фолна киселина. 

На прво место е црвеното месо, јајца, зеленчук и овошје богати со железо. Од месата најкорисно е телешкото месо. 

 Анемијата е болест со многу лица. Затоа редовно контролирајте ја вашата крвна слика. Анемијата се лекува само ако навреме посетите лекар и ја откриете причината за нејзино појавување 

Сподели на Facebook и Twitter