ЗАДОЦНЕТ ПУБЕРТЕТ 

Изостанокот на секундарни сексуални обележја до 14 години и менструација до 16 години се причина за консултација со гинеколог или ендокринолог  

        Д-р Ванче Какашевски

           Специјалист по гинекологија и акушерство

 

       ЗАДОЦНЕТ ПУБЕРТЕТ 

Одложениот пубертет се карактеризира со отсуство на секундарни сексуални обележја, односно развој на дојки, срамни влакна и изостанок на менструација по 14-та година. Оваа состојба е застапена кај 2,3% од женската популација. 

Во генезата на состојбата е отсуството на андрогени хормони, кој може да е конституционален, вроден ( честа позитивна семејна анамнеза)  или пак поради различни состојби кои се придружени со хипоталамо-хипофизно оваријалната оска, како системски болести ( потхранетост, цистична фиброза, инсуфициенција на бубрези, срце…) анорексија, психички заболувања, напорни спортови… 

Задоцнетиот пубертет се манифестира преку: 

  • Отсуство на секундарни сексуални карактеристики 
  • Пониска телесна тежина 
  • Емотивни проблеми 
  • Забавено психичко созревање 

Како се постапува во вакви случаи: 

  • Доколку се појави раст на дојки и срамни влакна, се чека до 16 години да се појави менструално крварење 
  • Доколку до 14 години отсуствуваат секундарните сексуални обележја или и покрај нив не настапи менструално крварење до 16 години, се отпочнува со испитувања и анализи  

Кај повеќето од случаите станува збор за идиопатски облик на одложен пубертет, кој настапува подоцна и не предизвикува здравствени проблеми, па не бара и дополнителни анализи. Но во поретки случаи неопходно е да се направат одредени испитувања, меѓу кои и анализа на каритипот ( хромозомска анализа), ултра звук на стомакот… 

Би сакал да нагласам дека задоцнет пубертет не е исто што и отсуство на пубертет, односно отсуство на менструација и секундарни сексуални карактеристики, која состојба е карактеристична за агенезија ( родена аномалија при која не се развиваат јајниците) на оварии, а со тоа и на хормони. Зборуваме за пубертет кој настапил со задоцнување. 

Лекување на задоцнетитот пубертет најчесто не е неопходно, бидејќи до појава на знаците на пубертет обично доаѓа по извесен период. Хормоналната терапија е резервирана кај вроденото отсуство на овариумите. Во некои случаи пожелна е и психичка подршка на овие девојчиња.  

Да сумираме – изостанокот на секундарни сексуални обележја до 14 години и менструација до 16 години се причина за консултација со гинеколог или ендокринолог.  

Сподели на Facebook и Twitter