Д-р Ванче Какашевски
Специјалист по гинекологија и акушерство
Бременоста е возбуда за секоја жена. Во тој период се поставуваат многу прашања, во однос на исхраната, физичката активност, со еден збор за нивните животни навики.
Исхрана во бременоста
Во бременоста постои и страв во однос на исходот, особено во првата бременост. Најчеста дилема кај бремените жени е како правилно да се хранат.
Ова е одличен период за стекнување здрави навики кога е исхраната во прашање, особено ако предходно баш и ги немало.
Ние докторите препорачуваме исхраната на бремените жени да не содржи бело брашно и рафиниран шеќер, туку храната да е со низок гликемиски индекс, бидејќи храната со висок гликемиски индекс ја зголемува гликемијата во крвта што води кон негативни последици.
Препорачуваме овошје, зеленчук, протеинска храна од риба, посно месо, млечни производи со помалку масти, јајца…Од јаглени хидрати се препорачуваат житарки од цело зрно, интегрален леб… Строго е забрането во бременоста да се конзумира рафиниран шеќер , колачи, чоколади… бидејќи може да доведат до појава на гестациски дијабет, затоа што бремените жени имаат потреба од повеќе јаглени хидрати поради плодот и внесот на шеќер создава осцилации на гликемијата во крвта со уште поголема потреба од шеќер, а последица е прекумерна тежина и дијабет. Впрочем ваквите навики треба да го следат човекот во тек на целиот живот.
Бремената жена гладот треба да го сузбие со урамнотежена исхрана на секои 3,4 часа, а гладувањето ќе влијае негативно на плодот.
Физичка активност во бременоста
Ако бремената жена пред забременување била физички активна и ако бременоста е уредна , има нормален тек и не постои опасност од предвремено породување, може да си продолжи со физичката активност. Но во текот на тренинг или пак работа на поле, треба да внимава пулсот да не надминува 140 отчукувања во минута. Зголемен пулс од над 140 отчукувања може да доведе до хипертермија на телото со последици по плодот.
Орална празнина и заби
Оваа популација почесто се соочува со одредени проблеми со оралната празнина и со забите бидејќи има хормонски дисбаланс кој води до промена на оралната микрофлора, што пак како последица има проблеми со непцата и кариес . На трудниците им препорачуваме да одат почесто од вообичаеното на стоматолог, на рутинска контрола и поправање на забите доколку е потребно. Дозволена е употреба на локална анестезија после првиот триместар. Здрава орална празнина значи и здрава бременост. Во бременоста забите не паѓаат од недостаток на калциум како што се смета во општата популација туку како последица од промената на микробиомот и хормоните. Подетални совети околу оваа проблематика побарајте од вашиот стоматолог.
Ова се најчестите проблеми кои се однесуваат на трудниците. Останатите прашања и состојби ќе ги обработиме во следниве дописи.