На денешен ден 20 јули

1913 - Во текот на Балканските војни (1912-1913), во близина на селото Бел Камен, Леринско, во борба против грчката војска загинал Васил Чакаларов, македонски војвода и деец на ВМРО. Учесник бил на Смилевскиот конгрес (1903) и во Илинденското востание (1903). Роден бил во селото Смрдеш, Костурско, во 1874 година

1785 – Роден е турскиот султан Махмуд Втори, кој во текот на владеењето од 1808 година до смртта во 1839 година спровел реформи во обидот да го централизира феудално-апсолутистичкиот поредок на Отоманската империја.

1847 – Роден е германскиот сликар и графичар Макс Либерман, најзначаен претставник на германскиот импресионизам.

1890 – Родена е американската филмска актерка Теодосија Гудман, позната како Теда Бара, прв „вамп“ во историјата на кинематографијата. Филмови: „Клеопатра“, „Кармен“, „Салома“, „Жена – тигар“, „Дамата со камелии“.

1937 – Умрел италијанскиот електроинжинер и пронаоѓач Гуљермо Маркони, еден од пионерите на безжичната телеграфија, кој во 1909 година ја поделил Нобеловата награда за физика со германскиот физичар Карл Фердинанд Браун.

1938 – Родена е американската филмска актерка Наташа Гардин, позната како Натали Вуд, една од ретките која станала филмска ѕвезда како дете со филмот „Чудо на 34-та улица“ и успеала да оствари успешна филмска кариера. Таа играла во филмовите „Бунтовник без причина“, „Сјај во тревата“, „Трагачи“ и „Приказна за западната страна“.

1944 – Во „Волчја јама“ во Источна Прусија германскиот полковник фон Штауфенберг се обидел да изврши атентат врз Адолф Хитлер, но водачот на Третиот рајх во експлозијата бил само полесно ранет. Неуспешниот атентат главно го платиле мноштво луѓе, вклучувајќи и повеќе германски високи офицери, како фелдмаршалот Ервин Ромел кој бил принуден да изврши самоубиство.

1969 – Лунарното возило „Орел“ на американскиот вселенски брод „Аполо 11“, со астронаутите Нил Армстронг и Едвин Олдрин, се упатило на површината на Месечината, додека Мајкл Колинс го продолжил кружењето околу Месечевата орбита со матичниот брод „Аполо 11“.

1974 – Турската армија почнала инвазија на Кипар, под изговор за заштита на турската национална заедица на островот. По инвазијата на третина од овој остров била формирана самопрокламираната „Турска Република Северен Кипар“.

1976 – Американскиот вселенски брод без човечки екипаж „Викинг 1“ се спуштил после 11 месеци летање на Марс и почнал да испраќа на Земјата јасни снимки од оваа планета.

1982 – Во експлозијата која ја предизвикала Ирската републиканска армија во „Хајд паркот“ и „Риџентс парк“ во центарот на Лондон загинале 10 британски војници.

1994 – Шефот на израелската дипломатија Шимон Перес пристигнал во посета на Јордан како највисок израелски функционер кој дотогаш ја посетил оваа соседна арапска земја.

1997 – Умрела Лилјана Чаловска, македонска писателка. Автор е на книгите „Бдение за Виетнам“, „Антидневник“, „Пребир“ и други. Родена била во Софија, во 1920 година.

Сподели на Facebook и Twitter